Првиот комерцијален облакодер во Виена „Рингтурм“, кој бил изграден во 1955 година, оваа година го прославува својот 60-ти роденден. „Рингтурм“ со текот на времето стана симбол на средби, комуникација и културен дијалог, а од 2006 година се претвори во уметнички објект. По изминатите седум успешни уметнички интервенции на неговата фасада, на ред дојде осма по ред, која, исто така, ќе ја одбележи и 60-годишнината на „Рингтурм“.
Инсталацијата со наслов „Летни радости“, која ќе биде поставена од 22 јуни до средината на септември, е дело на младата хрватска уметница Тања Деман. Главниот мотив на 63 метри долгата инсталација е летната свежина и одмор.
Инспирирана од различните водни пејзажи на Виена, Тања Деман во урбаната градска џунгла транспортира течна и мека транзиција помеѓу „вештачки“ создаденото и природниот појавен облик на водата.
Тања Деман е родена во 1982 година во Сплит, дипломирала на Академијата за ликовни уметности во Загреб, работи главно со медиумите филм и фотографија, и веќе зад себе има многу изложби во Хрватска и во странство.
Паралелно со поставувањето на фасадата на зградата, во нејзината внатрешност ќе биде презентирана и изложба со наслов „Хрватски острови – Градителска култура низ вековите“. 1.200 хрватски острови и нивното богато архитектонско наследство се наоѓаат во центарот на оваа несекојдневна изложба, а куратори се Адолф Стилер и Лукас Скански.