Во организација на Националната установа „Стоби“, а во соработка со Фондацијата Балканско наследство од Стара Загора, Бугарија, во текот на јуни и јули на археолошкиот локалитет Стоби се одржуваат четири меѓународни летни работилници и школи.
Во јуни успешно беа реализирани работилницата за конзервација и документација на римска и доцноантичка керамика и работилницата за мозаици, на кои учествуваа единаесет студенти и волонтери од САД, Австралија, Канада, Англија и Јапонија.
Учесниците на работилницата за конзервација на керамика со помош на стручните лица од НУ Стоби, ги поминаа сите процеси на конзерваторско-реставраторските работи и документирање на керамички предмети. Во рамките на работилницата за мозаици, пак, се работеше на проект за конзервација и реставрација на мозаикот во нартексот на Епископската базилика.
Овој месец заклучно со 28 јули, во Стоби се реализираат меѓународната летна школа за археологија и првата работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и археолошки наоди.
Тринаесет студенти и волонтери претежно од САД учествуваат на школата за археологија во чии рамки се вршат ископувања на Теодосијанската палата. Целта на овие истражувања е откривање и документирање на археолошките појави во јужниот дел на палатата. Годинава за првпат се реализира и работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и археолошки наоди.
Во рамките на оваа работилница која ја предводи проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот во Квинс, Торонто, учествуваат единаесет студенти од САД, Канада и Австралија. Учесниците имаат за цел да извршат фотограметриско снимање на дел од презентираните градби во Стоби и да изработат панорамски фотографии за виртуелна прошетка и 3Д модели.
Дел од студентите работат на т.н. RTI фотографија, односно рефлективна трансформација која е особено корисна во идентификување на натписите на камен и фрески кои се тешко читливи, како и фотограметриско снимање на дел од движните археолошки наоди.
Организирањето и реализацијата на школите и работилниците се од особено значење за промоцијата и презентацијата на богатото културно наследство на археолошкиот локалитет Стоби во светски рамки. Исто така, помагаат и во откривањето, документирањето и заштитата на нашето културно наследство со тоа што се работи за целосно самофинансирачки активности.