Архитектонски алатки за рурално живеење
Архитектонска работилница со Манфредо ди Робилант
Гостин тутор и раководител на архитектонската работилница:
доц. д-р Манфредо Ди Робилант
Секретар:
ас. д-р Благоја Бајковски
Тутори:
ас. д-р Благоја Бајковски, ас. м-р Теа Дамјановска, ас. м-р Ана Рафаиловска
Организација:
проф. д-р Бојан Каранаков
Учесници:
Бојана Вуковојац, Ангела Десаноска, Филип Зафировски, Салих Зеќири, Бојана Исијанин, Теодора Кабоури, Љупка Коцева, Димитрис Когкалидис, Димитар Милев, Марија Милошеска, Мартин Пулески, Милица Сретенович, Фросина Станковска, Бојана Станковска, Марија Тасеска, Ања Тодоровска, Ана Марија Теодороглу, Лирик Шабани
Автор на фотографиите:
Бојана Исијанин, Мила Гавриловска
Летната школа за архитектура организирна од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје датира од раните 70-ти години, кога за прв пат се има одржано во Охрид во времетраење од три сесии. По подолга пауза, во 1992 година Летната школа е обновена, на нова локација, во автентичниот и инспиративен пејзаж на Осоговските Планини, односно во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка. Од 2018-та година, Летната Школа се одржува во Лазарополе, село во малореканскиот предел, сместено на падините на планината Бистра. Од 2006-та година, форматот на школата предвидува гостин тутор од странство, кој ја поставува темата, задачата и процесот на работа на архитектонската работилница. Во рамките на изминатите 17 сесии, одржани се 133 дена архитектонски работилници раководени од 21 интернационални еминентни професори и архитекти, разработувајќи 17 теми од територијален, урбан и архитектонски размер како: „Процес“/Process (метнор: Хрвоје Њириќ/Hrvoje Njiric, 2006), „Град за сите“/City for all (Џенгиз Бекташ/Cengiz Bektaş, 2007), „Нов простор од најдени материјали“/Reusing old materials–already made design (метнор: Дејвид Биги/ David Buege, 2008), „Архитектонски приказни за Крива Паланка и Кривопаланечко“/Terristories (метнор: Класке Хавик/Klaske Havik, Себастијан Велдхуизен/Sebastiaan Veldhuisen, Лорин Николае/Lorin Niculae 2009), „Архитектурата е [сета] за луѓето“/Architecture is [all] about people (метнор: Анета Христова-Поповска, 2010), „Невидливи лавиринти“/Invisible Labyrinths (метнор: Александар Бродски/Alexander Brodsky, 2011), „Пејзажот и границите на архитектурата“/Landscape and the limits of architecture (метнор: Елиа Зенгелис/Elia Zenghelis, 2012), Section is not a cut (метнор: Хан Тумертекин/Han Tümertekin2013), „Капела за природата“/Chapel for nature (метнор: Сами Ринтала/Sami Rintala, 2014), „Изблик на чиста архитектура во планините“/An outbreak of pure architecture (метнор: Питер Вилсон/Peter Wilson, 2015), „Колаж, монтажа, асемблаж“/Collage, montage, assemblage (метнор: Мишел Редијк/Michiel Riedijk и Жулиет Бекеринг/Juliette Bekkering, 2016), „Чувство за дома“/The sense of home (метнор: Алеш Водопивец/Ales Vodopivec, 2017), „Игра“/Game (метнор: Јурген Пацак-Пор/Jürgen Patzak-Poor, Михаел Фон Матушка/Michael Von Matuschka во соработка со Конор Молони/Conor Moloney, 2018), ,,Конфигурација“/Configuration (метнор: Дугал Шеридан/Dougal Sheridan и Диардри Мек-Менамин/Deirdre Mc Menamin 2019), „Омаж на заедништвото“/Homage to togetherness (online конкурс, 2020), Essential Places (метнор: Маруша Зорец/Maruša Zorec, 2021), The Use and Reuse of Buildings through Time (метнор: Гунар Хартман, Gunnar Hartman 2022).
Овогодишната 32-ра сесија на меѓународната Летна школа за архитектура се одржа од 1 до 8 јули во хотелот „Калин“ во селото Лазарополе. Гостин тутор и раководител на архитектонската работилница насловена „Архитектонски алатки за рурално живеење“/Architectural tools for rural living беше доц. д-р Манфредо Ди Робилант (Manfredo Di Robilant) од Политехничкиот универзитет во Торино, Италија (Politecnico di Torino).
Темата на годинашната Летна школа воспоставува релација со истражувачкиот проект „Глобални алатки“ (Global Tools) на неоавангардната група Суперстудио (Superstudio), која претставува обид за справување со кризата на модерната архитектура во седумдесеттите години на минатиот век. Целта на „Глобални алатки“ беше навраќање кон корените на архитектонскиот проект преку проучување на основните работни алатки на руралните заедници и традиции.
Потпирајќи се на искуството на „Глобални алатки“ (Global Tools), работилницата имаше за цел да го прошири и реконструира нивното значење преку прагматичен пристап кон Лазарополе, место кое претставува полунапуштено, изолирано село, сместено на надморска височина од 1.350 метри, на сè уште малку антропизираната пошумена јужна граница на националниот парк Маврово. Денес, Лазарополе кое е посетувано исклучиво во текот на пролетните и летните месеци се соочува со проблеми поврзани со јавните простори како недоволно опремени за вдомување на локалните активности и динамики.
Работилницата се поставува наспроти современите тенденции за присвојување на интернационални практики за тоа како треба да се интервенира во локален контекст и се оттргнува од дискурсите за зачувување и повторна употреба на објектите, кои верно ја одразуваат традиционалната локална типологија на селската куќа. Работилницата предлага учење од алатките за населување што локалната заедница ги развила низ вековите и како истите можат да се приспособат/трансформираат за моменталните потреби на сезонскиот туризам, притоа истата не претставува носталгичен поглед, туку прагматичен пристап за современата состојба на Лазарополе, проектирање на неговата иднина како природно климатско прибежиште во периодот на зголемените летни температури.
Традиционално, Летната школа претставува начин на стимулирање и наградување на талентираните и успешни студенти, во оваа насока, 18 локални и интернационални студенти беа избрани да работат на проектирање архитектонски алатки за јавните простори на селото со цел да ја подобрат нивната способност да бидат домаќини на веќе постојните и да поттикнат нови настани и содржини за привремените жители.
Kрајниот резултат од работлницата е дестилиран преку шест архитектонско-рурални интервенции од мал размер, како:
(1) Ткаење приказни/Storyweaving
(автори: Филип Зафировски, Димитар Милев, Фросина Станковска)
– павилјон за перформативно перење теписи и ткаенини поставен во близина на напуштениот објект за производство на теписи, источно од атарот на селото, на трагите од веќе постојниот воден тек на Лазарополска Река. Интервенцијата во форма на инсталација воспоставува релација со местото надоврзувајќи се на локалната традиција на колективно перење теписи и ткаенини. Овој гест е трансформиран во перформативен акт, каде дополнително посетителот преку плетење на разбој-фасадата учествува во постепеното обликување на обвивката на павилјонот.
(2) Подвижна штала/Stable but mobile
(автори: Салих Зеќири, Димитрис Когкалидис, Лирик Шабани)
– интервенцијата се поврзува со преданијата за селската слава за Илинден, кога во текот на денот прославата е проследена со доаѓањето на коњаницата од Галичник до Лазарополе. Шталата е замислена како привремена и подвижна структура за коњите, составена од два фрагменти, фиксен и мобилен дел кој во дадени ситуации може да се одвои и да стане автономна подвижна единица наменета за посетителите од блиските села, туристите или за потребите на заедницата.
(3) Опсерваторија/The Skycatcher
(автори: Теодора Кабоури, Милица Сретенович, Ана Марија Теодороглу)
– артикулирана како вертикална структура поставена на највисоката точка во западниот дел од селото, во природен пејзаж со функција на миниопсерваторија. Интервенцијата замислена како ефимерен павилјон кој се развива на дрвени платформи поставени на различна висина, преку кои може да се набљудуваат ѕвездите, да се согледа селото со околниот планински пејзаж, или да се одмори на платнените лежалки кои во сегменти се јавуваат во склоп на хоризонталните платформи.
(4) Рурбан чардак/Rurban Chardak
(автори: Бојана Вуковојац, Бојана Станковска, Ања Тодоровска)
– претставува интервенција која е составена од два елементи. Првиот сегмент претставува плочник кој во облик на урбан тепих, артикулиран во вид на трага на тлото го дефинира јавниот простор средсело, како сврзно ткиво помеѓу различни ентитети (маркет, хотел, селска куќа). Вториот сегмент претставува трем кој се додава на постојниот објект на маркетот, кој служи како дијафрагма помеѓу објектот и плоштадот, создавајќи покриен јавен простор за собир и социјализација на локалните жители и посетителите.
(5) Калина кула/Kalina Tower
(автори: Бојана Исијанин, Марија Милошеска, Марија Тасеска)
– интервенција поставена помеѓу две планински патеки кои водат до пештерата Калина Дупка и врвот Соколица, замислена како вертикална структура во вид на кула наменета за подготовка на посетители за планинарење или за прошетка. Интенцијата на проектот е да воспостави дијалектика со постојниот изграден контекст преку реинтерпретација на традиционалната мијачка куќа, разложувајќи ги и поставувајќи ги во нова релација елементите на носивиот камен ѕид и лесната бондрук конструкција.
(6) Соби за работа на далечина/Zoom Rooms
(автори: Ангела Десаноска, Љупка Коцева, Мартин Пулески)
– инспириран од пандемијата предизвикана од вирусната инфекција КОВИД-19 проектот претставува експеримент за работниот простор како соби со минимална димензија, наменети за работа на далечина и подготовка на чај од локални тревки дисперзирани низ селскиот пејзаж. Замислени како серија на кубуси кои преку можноста за нивна различна групација се адаптираат на даденостите на локацијата, топографијата и морфологијата на селото.
Автор: ас. д-р Благоја БАЈКОВСКИ, дип. инж. арх.