Манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка по 26-ти пат беше домаќин на Летната школа за архитектура во организација на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Во периодот од 1 до 8 јули студентите и педагошкиот тим имаa можност во инспиративниот амбиент на манастирскиот комплекс да разменат знаења и искуства, но и да стекнат нови.
Оваа година дополнителен предизвик беше изнаоѓањето на нов простор за работа на школата поради тековната реконструкција на чардакот во стариот конак на манастирот, кој досега беше просторно обележје на летната школа. За таа цел беше испроектиран и реализиран нов, модуларен склоп во дрво, кој ги обедини сите квалитети на контекстот и овозможи соодветен простор за реализирање на активностите на школата.
Воспоставената практика на учество на реномирани архитекти и едукатори како гости-тутори на Летната школа продолжи со Алеш Водопивец, редовен професор на Факултетот за архитектура во Љубљана. Водопивец дипломирал во студиото на Едвард Равникар, а во текот на својата кариера соработувал со значајни архитекти и теоретичари на архитектурата како Петер Цумтор, Јухани Паласма и други.
На меѓународната Летна школа за архитектура земаа учество дваесет и шест студенти предводени од педагошкиот тим, кој покрај проф. д-р Алеш Водопивец (гостин-тутор од Р Словенија) ги вклучуваше: доц. д-р Димитар Папастеревски (раководител на Летната школа), доц. д-р Михајло Зиноски, Никос Цимас (Р Грција), м-р Дарко Драгановски и м-р Павел Вељаноски.
Темата која гостинот-тутор ја зададе гласеше „Чувство за дом“. Нејзина цел беше низ еден поинаков методолошки пристап да ги воведе студентите во процесот на создавање на „домот“, поаѓајќи од емоционалното искуство како примарно, наспроти вообичаеното, каде „домот“ се појмува како физичка структура подредена на претходна програмска зададеност.
,,Домот е место каде што припаѓаме. Тој е место на приватност, мир и сигурност. Тој е остров, одвоен од остатокот на светот, каде што времето забавува, дури и запира. Домот е место каде што можеме да сонуваме и да ги обновиме нашата снага и расположението. Тој е просторната рамка на нашите сеќавања, но и појдовната точка на нашето гледање и разбирање на светот.“
-Алеш Водопивец
Во рамките на Летната школа професорот Алеш Водопивец одржа и серија предавања во кои низ примери на референтни архитекти и уметници, како и примери од неговата авторска работа и искуство со студентите, даде осврт на суштествени аспекти корисни за истражувачкиот и практичниот дел на проектот.
Карактеристичниот методолошки пристап, професорот Водопивец го пренесе низ процесот на работа со студентите конципиран во три последователни чекори, пропратен со редовни презентации и дискусии. Процесот започна со „сеќавање на место“ врежано во меморијата на студентите, негово именување, и претставување на неговите емоционални аспекти преку изработка на апстрактен модел. Задачата продолжи со избор на конкретна локација и истражување на тактилните аспекти на локацијата, со цел да се препознаат карактеристиките на природниот и артифициелниот пејзаж, изразени низ скици, цртежи, фотографии и модели. Поаѓајќи од личното чувствување на темата, студентите понудија различни предлог-решенија. Резултатот од работилницата беа проекти на рационални, едноставни и скромни куќи, насочени кон менталниот и емотивен квалитет на архитектурата поврзана со атмосферата на „домот“.
Процесот на работа беше заокружен со организирање изложба, на која беше презентиран работниот материјал во неговата изворна форма создаден низ сите развојни фази на проектот.
Меѓународната Летна архитектонска школа се одржа со поддршка од Ректоратот при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во соработка со Македонската православна црква, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и Општината Крива Паланка.
Доц. д-р Димитар Папастеревски