Во периодот од 4 до 12 јули, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ја организираше својата 24-та сесија на Летната школа по архитектура. Како и сите изминати години наназад, школата имаше интернационален карактер и се одржа во возбудливиот и единствен пејзаж на Осоговските планини, односно во манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка. Годинава учество земаа четириесет студенти и ментори од матичниот факултет, како и гости од Холандија и Турција.
Заложбата на Архитектонскиот факултет, во изминатите повеќе од 65 години постоење и активен придонес во формирањето на архитектонскиот дискурс и сцена во Република Македонија, била да се формираат архитекти со препознатлив авторски и професионален интегритет. Субјективното искуство при учењето архитектура било секогаш релевантно во процесот на едукација и профилирање на следните генерации архитекти.
Оваа заложба е препозната од Советот на Летната школа при Архитектонскиот факултет и таа резултира со воспоставување соработка со еминентни фигури од светот на архитектурата. Последните десет години, форматот на школата предвидува гостин тутор од странство, кој ја поставува темата, задачата и процесот на работа на секоја нова сесија на школата.
Станува збор за исклучително етаблирана личност од светот на архитектурата, која активно работи и ги збогатува глобалните трендови и активности на професијата, како во делот на архитектонската едукација, така и во рамките на тековната архитектонска продукција. Во изминатите повеќе од две децении, Архитектонскиот факултет имаше чест да соработува со исклучителни гости-тутори од форматот на Сами Ринтала, 2014 (Финска), Хан Тумертекин, 2013 (Турција), Елија Зенгелис, 2012 (Грција), Александар Бродски, 2011 (Русија), Класке Хавик, 2010 (Холандија), меѓу другите.
Во континуитет на таквата практика, годинава гостин беше познатиот архитект и едукатор Питер Вилсон, кој е партнер и основач (заедно со Julia Bolles) на едно од водечките германски и европски архитектонски бироа Bolles+Wilson. Питер Вилсон е дел од златната генерација на престижната архитектонска школа АА (Architectural Association) од Лондон, каде дипломирал со почести во 1976 година и работел како професор во неа до крајот на осумдесеттите години на 20 век. Во овој период соработувал со бројни фигури од светот на архитектурата како Елија Зенгелис, Рем Колхас, Заха Хадид и многу други.
Темата што Питер Вилсон ја постави за овогодишната летна школа за архитектура гласи Изблик на чиста архитектура во планините и таа имаше цел да се осврне на основните принципи на архитектонското творештво. Од таа причина, студентите имаа цел да трагаат по принципите на чистата архитектура, односно кон творештво кое зрачи со себе својствен интегритет и автентичност.
Ова гледиште се поставува наспроти сегашните глобални трендови на архитектурата на потрошувачкото општество, кои на сметка на програмско – функционална и контекстуална вредност претставуваат единствено рефлексија на тековните „модни“ трендови на иконична архитектура, испразнета од нејзиното значење во секојдневната социјална продуција на просторот.
Планините беа негов избор за тестирање на горенаведениот концепт на чиста архитектура од причина што, според него, тие можат да воспостават директна релација со архитектонскиот објект. Ваквата дијалектика отвора можност за создавање на архитектура која ќе биде во состојба директно да ги рефлектира своите основни контекстуални вредности, создавајќи јасен наратив на појавните, материјалните, но и програмските и функционалните особености.
Процесот на работа беше единствен од причина што студентите ги добиваа своите задачи секојдневно, а патувањето во искуството на чистата архитектура го започнаа со запознавање на материјалноста на локалниот контекст и пејзаж преку користење на исклучиво ликовни техники. Задачата продолжи со поставување на апстрактни просторни отсечоци во пејзажот, кои потоа во процесот на работа добија прецизна формална и програмска артикулација, следејќи свои просторни и социјални значенски обрасци.
Студентски труд на Селине Вијкер
Работата на летната школа беше индивидуална, што значи дека крајниот резултат броеше повеќе од триесет засебни проекти – одговори за вредноста и значењето на архитектонската интервенција, или со зборовите на Питер Вилсон, истражувачкиот процес заврши со спектакуларна архитектура која успеа да воспостави директна релација со опкружувањето.
Студентски труд на Сања Аврамоска
Во рамките на Летната школа, покрај посветената работа со сите учесници, Питер Вилсон одржа две исклучително вредни предавања, при што, преку неговата авторска работа во доменот на архитектурата, ги објасни основните принципи, вредности и дизајн особености на неговото творештво. На почетокот на следниот зимски семестар во просториите на Архитектонски факултет ќе биде организирана изложба на проектите од Летната школа сесија 2015.
Студентски труд на Илија Мирчески
Студентски труд на Кристина Неделковска
За крај на овој кус осврт за динамиката и случувањата поврзани со Летната школа за архитектура, треба да се напомене дека и оваа година како и многупати претходно школата беше поддржана од пријателите на Факултетот, а тоа, пред сè, се однесува на соработката што се негува со ректорскиот состав при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и локалната самоуправа и градоначалникот на Крива Паланка и нивната логистика.
Следната година, Архитектонскиот факултет ќе ја организира својата јубилејна 25-та сесија на интернационалната школа по архитектура. Изненадувањата ќе следат, а она што може да се очекува е уште едно незаборавно, поучно и, секако, пријатно искуство со курентни текови на архитектурата.
доц. д-р Слободан Велевски
раководител на Летна школа за архитектура 2015