Од утре почнува Летната школа по архитектура која по 27 пат ја организира Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Летната школа ќе трае до 15 овој месец и ќе се одвива во селото Лазарополе.
Раководител на сесијата 2018 е проф. д-р Бојан Каранаков, а гости тутори и раководители на архитектонската работилница се еминентните архитекти Јурген Пацак-Пор (Jürgen Patzak-Poor) и Михаел Фон Матушка (Michael Von Matuschka) од проектантското биро БАРАрхитектен (BARArchitekten) од Берлин, во соработка со архитектот и урбанист КонорМолони(Conor Moloney) од Лондон.
За времетраење на школата, учесниците ќе се обидат да развијат нов приод кон архитектонското размислување. Централната тема на експерименталното архитектонско истражување ќе биде ИГРАТА. Материјалната (не дигитална) игра претставува социјален настан како и организациски модел. Таа истовремено ги предизвикува и заедницата и поединецот. Таа ги изострува сетилата и способностите на учесниците, во социјални како и во практични услови. Од овие причини играта е замислена да допира различни академски полиња: урбани, социолошки, економски.
Комплексната структура на играта е предмет на интерес на учесниците: правилата, елементите, полето за игра, стратегијата како и елементот на случајност и среќа.
Летната школа ќе се развива низ различни фази како што се експерименти во 1:1 со користење на традиционални градителски техники, процесно-ориентирана анализа на постојната архитектонска состојба во населбата, водејќи кон игрива шпекулација за идниот развој на ова место, како тој може да се оствари – и оттука кои нови видови конструктивни методи и архитектонски форми може да произлезат од него.
Затворањето на школата ќе биде проследено со изложба на студентските трудови и доделување на дипломи на учесниците.