Во Зоолошката градина во Битола пуштена е во употреба летна сцена. Летната сцена или поточно летната едукативна училница е проектирана според Едукативната програма на ЗОО Битола, Програмата за едукација на посетителите и Програмата за унапредување на волонтерскиот систем во Зоолошката градина, која се реализира со финансиска помош на Програмата за мали грантови на волонтерите на Мировниот корпус.
„Отворивме летна сцена која е по иницијатива и реализација на Мировниот корпус во Р. Македонија, се разбира со поддршка на „Биосфера“, раководството и вработените во Зоолошката градина и Општина Битола, која секогаш ги поддржува и помага. Ова е многу значајно затоа што покрај основната содржина – животните, се работи и на други содржини како што се едукативни активности, работилници, одбележување на значајни датуми и многу други“, изјави градоначалникот на Битола Владимир Талески.