City Climb е новата туристичка услуга во Њујорк за сите заинтересирани посетители на облакодерот 30 Hudson Yard кој се издигнува на 103 ката на Менхетн. Откако е отворен во март минатата година, шестиот по големина облакодер на Њујорк ги привлекува љубопитните, а особено е атрактивен неговиот триаголен видиковец под името Edge (раб) кој штрчи помеѓу 100-тиот и 101-виот кат на зградата.
Адреналинските зависници можат да прошетаат над Edge на т.н Apex кој се издига на височина од 387 метри, благодарение на надворешните скали кои се простираат по самиот раб на објектот. Но, пред да се упатат долж овие скали, посетителите ќе мора да минат брз безбедносен курс, а искачувањето е дозволено само со заштитни појаси. Прво се искачуваат 32 скалила до мала платформа од која се продолжува кон врвот преку 161 скалила под агол од 45 степени. Оваа услуга е достапна токму од денес (9ти ноември) а цената на оваа атракција e 185 USD.