Леонардо ди Каприо е долгогодишен посветен борец за заштита на живата средина, а пред две години Обединетите нации го прогласија за гласник на мирот, со посебен акцент на климатските промени. Познатиот актер уште во 1998 година ја оформил Фондацијата Леонардо Ди Каприо (The Leonardo DiCaprio Foundation), која преку различни кампањи, медиумски проекти и собирање средства, се занимава со хуманитарни и еколошки прашања. Оваа Фондација меѓу другото се јавува и како донатор на WWF (World Wildlife Fund).
Во своите јавни настапи тој не пропушта да се осврне на значењето на климатските промени и заштитата на животната средина. Така беше на овогодишното доделување на oскарите, кога наместо клишето за патетично заблагодарување и изненаденост, глумецот пренесе навистина инспиративни пораки за овие глобални прашања. На премиерата на својот најнов филм во Лондон, изјави дека „климатските промени се најважното прашање со кое се соочуваат младите денес“. Но, и самиот филм ја третира оваа проблематика. Се работи за документарниот филм „Пред потопот“ (Before the Flood), во кој Леонардо ди Каприо патува низ светот со цел да се увери од прва рака за негативните последици од глобалното затоплување.
Филмот е дело на продукциската куќа National Geographic, а ќе биде прикажан на нивниот канал на 31 октомври.