Легендарниот хотел Royal Lancaster London од септември годинава ќе добие нов изглед, со реновирање во висина од 80 милиони фунти, од страна на градежната компанија Studio PROOF.
По завршувањето на измените, по повод 50-годишнината од отворањето на хотелот, сега познат како Lancaster London, ќе биде вратено и неговото оригинално име „Royal Lancaster London“.
Реновирањето се однесува на фасадата на влезот од хотелот, фоајето и рецепцијата, а редизајнирани се и сите 411 гостински соби и апартмани во 18-катната зграда, едно од најпознатите обележја на Лондон, сместена покрај легендарниот Хајд Парк.
Фоајето ќе биде поделено на повеќе засебни простори, вклучувајќи и нов бар. Различната палета на бои во фоајето ќе биде надополнета со рачни изработки од дрво и метал, како и со исклучителен бел мермер и безвременски метали како што се златото, полираниот месинг и бронзата. Големите мермерни скали ќе им овозможат на гостите од првиот кат да имаат поглед на приземјето на овој прекрасен простор.
Земајќи инспирација од луксузните брендови, Studio PROOF ќе ги примени и основните материјали на внатрешниот дизајн односно златото, полираниот месинг и бронзата на надворешниот дизајн на зградата за да се постигне квалитет од пет ѕвезди. Надворешниот дизајн ќе биде базиран на серија од вертикални слоеви вметнати во висока осум метарска стаклена фасада.
Дизајнот на новите гостински соби служи со цел да се нагласи одличниот поглед на Хајд Парк и вклучува луксузни детали како што се разни ткаенини и бронзени и стаклени елементи. Во знакот на почетоците на хотелот од 60-тите години, дизајнот на новите апартмани ќе биде мешавина на нијанси од средината на минатиот век и англискиот карактер од таа ера со современ пристап кој ќе ја потенцира визијата на хотелот за „создавање на иднината преку богатствата од нашето минато“.