Легендарниот хотел „Либертас“ во Дубровник, сопственост на групација Rixos, е моментално во завршна фаза на реновирање на ентериерот. Проектот бил доверен на компанијата Kaliterna Arhitektura (Борис Божиќ и Дује Калитерна), а новиот изглед ќе биде завршен во текот на 2015 година. Иако хотелот бил реновиран во 2007 година, ентериерот не ги претрпел потребните модификации, а сопствениците на овој хотел сакале старата дама на дубровничкиот туризам да го врати својот некогашен сјај.
Основната идеја на новото уредување е да се врати сето она со што се гордеел стариот „Либертас“, пред да биде девастиран од последните воени настани.
Хотелот е дизајниран како комплетно дело, почнувајќи од груби почетоци до најситни завршни детали. Затоа овој хотел е еден од првите примери на ‘gesamtkunstwerk’ во хрватското туристичко градење. За хотелот било дизајнирано апсолутно сè – од релјефи за бетонски површини, пластични тавани, керамички подови, мебел, теписи за кујнски елементи, облека за вработени, менија и брошури.
Дизајнот на ентериерот и опремата е потпишан од познатиот уметник Раул Голдони со младите уметници, студенти на Академијата за ликовни уметности – Еуген Кокот и Фадил Вејзовиќ.
Намерата на архитектите била да се постигне хармонија на модерната и ретро атмосфера во комбинација на дизајн од 60-тите години на 20 век и елементите на заштитниот бренд Rixos групација – бела и златна боја. Најголемите работи се одвиваат во импресивното стаклено влезно лоби, кое се протега низ последните четири ката од хотелот. Се додава цела „улица“ со луксузни брендови, проширувајќи го lounge просторот со пијано бар, со рафинирани внатрешни градини со палми и фонтани, а за да се заштити централниот плоштад од силното летно дубровничко сонце се планира изведба на шест спектакуларни вертикални ѕидови на градини.