Еден од проектите за соларни патишта, кои во иднина ќе можат самите да се издржуваат, ќе се спроведе и на славната американска Route 66 во државата Мисури.
По неколку години истражувачка работа на проектот за соларни патишта, Scott и Julie Brusaw конечно ќе можат да ги имплементираат своите идеи.
Проектот подразбира замена на асфалтот со соларни панели, кои се доволно трајни и силни за да можат да ја издржат тежината на возилата. Бидејќи се добро осветлени, овие патишта ќе произведуваат чиста електрична енергија.
Соларни панели ќе бидат инсталирани на Route 66, во рамките на иницијативата Missouri’s Road to Tomorrow Initiative, со цел подобрување на сообраќајот преку имплементација на паметни патишта, кои подразбираат примена на обновливи извори на енергија, пишува Inhabitat.
Route 66 е историска рута изградена во 1926 година, која ја нарекуваат и „главна улица на Америка“.
Оваа историска рута, денес првенствено е позната како историски споменик и туристичка атракција, како и по низата референци во популарната култура, меѓу кои се истакнува и песната, која, меѓу другите, ја изведувал и Нат Кинг Кол.
Компанијата Solar Roadways, задолжена за овој проект, направила модуларни соларни панели покриени со стакло. Микропроцесорите во панелите комуницираат меѓусебно, со контролниот центар но и со автомобилите (и мотоциклите) па патот.
На овој начин, се создава енергија која ќе се користи за осветлување на патот, за сигнализација, како и за системите за греење кои на тој начин нема да дозволуваат никакво задржување на снег и мраз на патот, со што ќе се обезбеди континуирана работа на соларните панели.
Друга предност на соларните патишта е дека тие се составени од модуларни единици, така што ако настане дефект на еден од нив нема потреба за поголема блокада на сообраќајот – доволно е само да се замени неисправниот модул.