Во Штип досега се легализирани над 5000 дивоградби. Според Лазар Хаџи Николов од Одделението за урбанизам при oпштина Штип, за легализација остануваат уште половина од евидентираните дивоградби.
Поголемиот дел од нив не се решаваат, бидејќи сопствениците на вакви објекти се уште го немаат поднесено геодетскиот елаборат. Но, оние кои што ги имаат легализирано своите објекти се во дилема дали треба да се поднесе барање за откуп на градежното земјиште под објектот, доколку куќата е градена на приватно земјиште.
Хаџи Николов вели дека доколку на граѓаните не им е јасно за откупот на градежното земјиште, можат со документите да се обратат во едношалтерскиот систем.
Голем број на граѓани немаат поднесено барање за легализирање на терасите, кои се пренаменети во станбен простор, сега им се дава повторно законска можност тоа да го сторат.
Пролонгирањето на рокот за легализација на дивоградбите повторно ги релаксираше граѓаните во обврската што е можно побрзо да ги поднесат геодетските елаборати и овој пат ќе се чека последниот момент за да се комплетира барањето.