На подрачјето на општина Маврово-Ростуше, која опфаќа 42 населени места, од доставените 3.775 барања за легализација на бесправно изградени објекти решени се повеќе од илјада.
Тимовите за легализација секојдневно се на терен и постапуваат по барањата на граѓаните.
– По поголемиот дел од барањата не можеме да постапуваме бидејќи сопствениците се уште го немаат поднесено геодетскиот елаборат. Врз тоа секако влијае и пролонгирањето на рокот за легализација на дивоградбите, изјави Харис Ибраими од Одделението за урбанизам при општината.
Со дополнителните мерки, кои Владата ги донесе за социјално ранливите групи кои ќе се ослободуваат од плаќање елабoрат, од општината изразија надеж дека дел од барањата ќе бидат решени побрзо.
Градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди при врачувањето на 30 нови решенија за легализација на дивоградби на физички и правни лица, упати апел до граѓаните да покажат поголем интерес и да ги докомплетираат потребните документи.