Во општина Центар Жупа до определениот рок за легализација на дивоградби барања доставиле 1.578 лица.
Од нив, досега се решени само околу 25 отсто, а главна причина,според градоначалникот Ариан Ибраим, се нерешените имотно правни работи.
– Од вкупно поднесените 1.578 барања за легализација на диво изградени функционални објекти, легализирани се 375 или околу 25 отсто. На нивните сопственици веќе им се издадени решенија и имотот им е воведен во катастар. Многу од барањата се во процес на решавање, но главната пречка се нерешените имотно правни работи, – изјави Ибраим.
Според него, благодарение на поволноста што владата лани ја одобри за социјално ранливите групи, за кои подготовката на елаборат е бесплатна, процесот на решавање на барањата добил забрзан тек. Само лани, додава тој, легализирани се 110 дивоградби.
Што се однесува до подносителите на барања кои живеат и работат во странство, нагласи градоначалникот, кај нив речиси и не постои заинтересираност.
Секторот за урбанизам во оваа општина максимално е ангажиран да им излезе во пресрет на сите заинтересирани, со цел овој процес успешно да заврши.