Архитектот Лефко Манчевски завршил средно техничко училиште во Скопје, а дипломирал во 1978 година на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работниот век речиси во целост го има поминато во ГП „Гранит“, како архитект – изведувач на градилишта. Неговиот прв објект во долгогодишната кариера е во далечната 1978/1979 година – Детската градинка во Лисиче – Скопје. Потоа следат десетици објекти од високо и нискоградба ширум земјата и странство. Меѓу нив позначајни се: воени објекти на Аеродром Петровец, индустриски објекти во Бујановац, Србија, станбени објекти во Скопје, деловен објект банка во Липецк, Русија, мостови во Украина, Албанија… , и повторно деловни и станбени во Скопје.
Граничен премин „Богородица“
Кој е Вашиот херој?
-Секако мојата сопруга , за сè што издржа додека јас бев постојано отсутен од дома. Успешното подигање на фамилијата и двете деца се нејзино дело.
Ваше мислење за македонското градежништво денес?
-Сè уште се држи на солидно ниво во домашни услови, но голем прашалник е дали е способно за сериозен настап на надворешните пазари.
Реонска пошта, Ново Лисиче, Скопје
Набројте, според Вас, три значајни објекти од македонската архитектура?
-Фудбалскиот стадион Арена Филип Втори во Градскиот парк, Мост Гоце Делчев на реката Вардар и Милениумскиот крст, сите во Скопје.
Што е интересно да се знае за Вашите објекти, а човек од надвор не може да види?
– Секој објект изграден во период од мојот стаж има свој посебен предизвик. Сепак, за нивна реализација потребно е големо искуство и знаење од струката. Психолошки стресови, проблеми, одговорности и големи напори почнуваат од самиот ископ до реализација на објектот и предавање на инвеститорот, сигурно и квалитетно во однапред договорен рок. Тоа не може никој да го види, тоа се чувствува во себе, во одговорниот раководител. Исто така и задоволството на крај не може да се види, а тоа е посебно чувство на градителот за успешно завршената задача.
Станбена зграда во Козле
Какво е чувството да се работи надвор од Македонија?
-Во моето оперативно искуство за изведба на објекти во странство (Русија, Украина, Албанија), секако најважно беше тимската работа и способноста на фирмата (Гранит) да не прати во сите фази на изведбата.
Автосалон и сервис на „Мерцедес“ во Скопје
Каков е односот на младите градители кон градежништвото?
-Во мојата кариера имав прилика да работам на објект, а во тимот да бидат млади тукушто дипломирани колеги. Нормално, секој почеток е тежок, но морам да кажам дека со тек на време станував многу позитивно изненаден од нивната ангажираност и заинтересираност кон работата, вклучувајќи се во разговори кон решавање на проблеми во тек на градбата. За многу краток период тие колеги стануваа раководители и самостојно успешно раководеа со нови објекти.
Спомен-дом на Мајка тереза во Скопје
Кој објект што сте го граделе би го издвоиле по специфичност?
-Со секој обејкт во текот на градба се судрував со разни проблеми кои ги решававме на самото место заедно со моите помошници од тимот за градба. За разлика од другите објекти, по специфичност за градба би го издвоил објектот Спомен-дом на Мајка Тереза во Скопје. Интересно статичко решение. Од подрумот па сè до последното бетонирање, сите конструктивни елементи беа под оплата потпрени со метални потпирачи, сè додека не се утврди дека конструкцијата ги задоволува пропишаните стандарди за бетон.
Градинка во Лисиче, Скопје
Во својот работен век, Лефко Манчевски има изведено над 35 објекти од високо и нискоградба.
Како вработен во „Гранит“ – Скопје, позначајни градби на кои работел се:
– 1978-1979 г. Прв објект – Детска градинка – Лисиче, Скопје
– 1980-1981 г. Управна зграда на граничен премин Македонија – Грција, Богородица Гевгелија
– 1982-1985 г. Воени објекти на Аеродром Петровец
– 1985-1986 г. Индустриски објекти во Гњилане
– 1987-1989 г. Станбена зграда со Трговски центар во Кисела Вода, Стара рампа, Скопје
– 1992-1995 г. Станбен комплекс во населба Козле
– 1996 г. Реонска пошта во н. Лисиче
– 1996-1998 г. ЛИПЕЦК КРЕДИТ БАНКА – Липецк, Русија
– 2003 г. АВТОКУЌА СО СЕРВИС МЕРЦЕДЕС – Скопје
– 2004 г. Реконструкција на мостови во Украина на пат Мукачево – Киев
– 2006-2007 г. Виадукти и мостови на пат Кукс – Морина во Албанија
– 2007-2008 г. Комплекс „ЗЕБРА“, Скопје
– 2008-2009 г. Спомен-дом на Мајка Тереза – Скопје
„Бортас“, Станбена зграда, Стар Аеродром, Скопје
Пред крајот на работниот век Манчевски работи во „БОРТАС“ и со таа компанија има изведено неколку објекти меѓу кои:
– 2011-2012 г. Изведба на вентилирана фасада и партер на Арт центар – Музеј на холокаустот – Скопје
– 2012-2013 г. Станбена зграда со деловен простор, Стар Аеродром – Скопје
– 2014 г. *Изведба на комплет ентериер во Арт Центар – Музеј на холокаустот – Скопје
Арт центар-Музеј на Холокаустот, Скопје
Мост на пат Кукс-Морина во Албанија
Липецк Кредит Банка, Липецк, Русија
Мост на делница Киев-Коп во Украина