Насловна / Архитектура / Леден брег – игра на светлината и облиците

Леден брег – игра на светлината и облиците

The Iceberg (Леден брег) е станбена населба која се наоѓа на прекрасна локација од 6.000 квадратни метри, на најстарата линија на пристаништето во градот Архус во Данска. Поранешното контејнерско пристаниште Архус се претвори во разигран станбен кварт која се состои од 208 апартмани со површина од 55 до 227 квадратни метри распоредени на десет нивоа во 11 објекта, единаесет високи врвови во сино – бели бои и коси агли кои се креваат високо над хоризонтот на градот и симулираат санта мраз. Покрај станови, комплексот содржи и деловни простори и простори со разновидни социјални содржини. Вториот по големина град во Данска, Архус настојува да го редефинира својот постиндустриски имиџ и изнајде нови можности за старите индустриски локации. Конечниот разввиток на локација од 5 хектара служи како четврт на „жив град” и нуди разновидни културни и општествени простори покрај канцеларијскиот и станбениот простор.

Isbjerget

Комплексот Леден брег е проектиран со многу сериозен пристап, тргнувајќи од оригинална идеја, која е инспирирана од местоположбата и е следена со длабока  анализа на визури и  инсолација. Исто така изготвена е и социолошка анализа за типот на становите, креирањето на соседство и создавање локална заедница.

Isbjerget

Инспирацијата потекнува од извонредната локација на овој простор со прекрасен поглед на заливот Архус. Најголемиот предизвик при проектирањето бил да се вклопат одредени потенцијално конфликтни барања: екстензивен поглед кон водата со многу дневна светлина, а при тоа да се обезбеди голема концентрација на станбени содржини, во објекти со височина лимитирана на шест ката. Значи, задачата била да се максимизираат визурите и искористат поволностите од сончевата светлина во секој стан, а истовремено и да се почитува внатрешниот урбанистички контекст.

ib3

Ледениот брег има четири крила во облик на латинската буква L. Неговата вкупна површина е 22.600 квадратни метри и е една од најголемите пристанишни населби во Европа. Уличните простори меѓу крилата се простираат кон водата. За да се постигнат оптималните услови за дневна светлина и поглед кон заливот за онолку станови за колку што е максимално можно, зградите се обликувани со искршени линии. Крововите се издигаат во врвови и нагло паѓаат надолу, правејќи визуелни премини кои дозволуваат видик на поединечните волумени. Навидум пловечки ледени брегови непрекинато ви го одбиваат погледот. На тој начин и жителите на задните крила можат да уживаат во погледот, но истовремено е обезбеден максимален продор на светлина, што е исклучително битно за Данска која има долги и темни зими.  Л-крилата и зградите кои се издигаат во врвови и шпицови практично ја смалуваат сенката која зградите ја фрлаат една на друга на минимум, што дава доволно светлина во утринските и вечерните часови. Ова се смета за еден од најголемите квалитети на комплексот.  Исто така, ваквата поставеност придонесува комплексот да се доживува како отворена структура со голема архитектонска привлечност, а не како блоковска структура свртена кон внатре. Во едно подрачје структурата се спушта, а во друго се повлекува спрема горе, што создава специфичен урбан квалитет. Градот и пристаништето се сретнуваат во еден заеднички идиом. За да се постигне ова пробиена е иницијално зададената граница за височина од шест ката, па зградите се со височина од седум до 10 ката. Сепак, 70 отсто од вкупната маса на објектите е под дозволената граница на височина од шест ката.

Isbjerget site

Различните облици на зградите, кои произлегуваат од овој едноставен алгоритам, овозможуваат во комплексот да се смести широк опсег на различни типови на станови. Па така достапни се станови кои наликуваат на двокатни градски куќи, потоа помали апартмани, па сè до ексклузивни пентхауси на врвовите на зградите. Една третина од становите се со големина и цена пристапна за жителите од средната класа. Во приземјето постои комерцијален простор со големина од илјада квадратни метри. Лепезата од различни станови со различни балкони, облици и ориентации, како и комбинацијата на сопствени и изнајмени станови има за цел да креира урбано опкружување, кое го вклучува вкупниот општествен диверзитет и на тој начин формира една жива и динамична локална заедница. Градежниот комплекс станува соседство, наместо случајна серија од станбени блокови.

U:CEBRA_sagerSAGER_igangvaerende2010_30_Isbjerget3_Projekte

При создавање на овој комплекс намерата не била  да се создаде обележје на градот, туку да се добие многу прагматично решение. Решението не е ниту екстремно скапо затоа што се користеле традиционални градежни техники и материјали. Сепак Ледениот брег е населба која е една од главните туристички атракции на градот Архус.

Isbjerget

Ледениот брег е проект кој успеа да ги убеди локалните власти и инвеститорите дека дизајнот кој го нуди е врвен и обезбедува квалитетен живот на корисниците и на нивните соседи, а при тоа потполно се вклопува во тесниот буџет кој го имаше на располагање. Токму затоа проектот е добитник и на повеќе светски награди и признанија. Ледениот брег е станбена архитектура која одговара на потребите на човекот на 21 век.

Isbjerget

ib1

ЛОКАЦИЈА: MARIANE THOMSENS GADE, AARHUS, DK

ИНВЕСТИТОР: PENSIONDANMARK

ПОВРШИНА: 22.000 м²

ГОДИНА: 2008 – 2013

НАГРАДИ: MIPIM AWARD 2013, ARCHITIZER A+ AWARD 2013, ARCHDAILY BUILDING OF THE YEAR 2015

АРХИТЕКТИ: CEBRA, JDS, SEARCH, LOUIS PAILLARD

TURN-KEY CONTRACTOR: NCC

ИНЖЕНЕР: TÆKKER, HAMICONSULT

 

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top