Јапонската дизајнерка Yukiko Morita преобразува вистински леб во функционални светилки, кои неодамна беа презентирани на изложбата Maison & Objet 2017 во Париз
На неодамна одржаната изложба за домашни декорации – Maison & Objet 2017 во Париз (од 8 до 12 септември), која инаку е една од водечките манифестации од овој вид во светот, јапонската уметница Yukiko Morita го претстави својот најнов иновативен производ Pampshade – рачно изработени светилки направени од вистински леб.
Оваа уметница била пекарка, па затоа нејзината љубов кон лебот била мотив за започнување на овој проект. Инаку, за реализација на овие необични светилки, таа користи брашно, сол, квасец, LED светла и батерија, а сето тоа е обложено со слој од смола за да „печивата“ не се расипат.
Производите на Morita се забележани после Tokyo Design Week, каде што таа првпат го претставила својот дизајн и оттогаш ја развила целата колекција Pampshade, која сега има седум различни светилки од леб и други печива, информира Designboom.
Производството на секоја светилка почнува со вообичаено печење леб, потоа дизајнерката максимално ја „чисти“ неговата внатрешност до кората, а потоа обликот го премачкува со смола и го дотерува. Во зависност од обликот и текстурата на светилката, во неа се поставува електрично коло и сијалица.
Morita своето дело го доработувала долго време, така што направила 300 прототипи за да дојде до совршениот производ Pampshade.
Подготви: Дејан Буѓевац