Отворен во 1999 година, музејот „Винсент ван Гог“ го освежи својот изглед со вредна инвестиција. Имено, музејот во Амстердам доби ново модерно крило кое неодамна е отворено за јавноста. Инвестицијата, вредна 20 милиони евра, значи дополнителни 800 квадрати простор кој овозможува поголем прилив на посетители.
Директорот на музејот Axel Rüger, задоволен од конечниот резултат, изјави: „Имавме ограничен буџет и само 18 месеци за изведба на работите. Предворјето сега има пространа гардероба и модерен музејски дуќан со 500 нови артикли. Новата инфраструктура, секако, ќе овозможи и подобра посетеност“.
Во чест на отворањето пред музејот е направен лавиринт од 125.000 сончогледи, како посвета на познатото дело на Винсент ван Гог.
Преку овој лавиринт од сончогледи се доаѓа до новиот влез на музејот. Лавиринтот зафаќа речиси половина од плоштадот и содржи три скриени „соби“ со музика и фотографии од процесот на градењето на музејот. Свеченоста е организирана по повод отворањето на новиот влез во музејот и 125-годишнината од смрта на холандскиот сликар.
Музејот „Ван Гог“ е основан во 1973 година и се наоѓа на музејскиот плоштад во Амстердам. Во него е прикажана најбројната колекција на делата на Ван Гог во светот. Овој музеј е еден од најпосетените во Амстердам но и во светот.
По смрта на Винсент ван Гог, останува богато наследство од неговите дела, околу 900 слики и 1100 цртежи. Некои дела се подарени, некои продадени, а преостанатите дела ги наследува неговиот помлад брат Тео, трговец на уметнички дела , кој умира шест месеци подоцна, оставајќи ги делата во наследството на својата вдовица Johanа van Gog Borner.
Таа ги продава сликите, организира изложба на Ван Гог и ја одржува колекцијата на дела кои подоцна ги наследува нејзиниот син Vinsent Vilem van Gog. Во 1925 година тој ја позајмува колекцијата на музејот Stedelijk во Амстердам, каде што беше изложена многу години, додека не е префрлена во музејот „Ван Гог“ во 1973 година.
Музејот „Ван Гог“ го сочинуваат две згради. Оригиналната конструкција е дело на холандскиот архитект и дизајнер на мебел, Herit Ritveld, во 1963 година. Една година подоцна тој умира, а музејот за посетители е отворен дури во 1973 година. Во 1998 и 1999 година музејот е обновен по проект на холандскиот архитект Martien van Gor. Втората зграда, крило за изложби во облик на елипса, ја направил јапонскиот архитект Кишо Куросава во 1999 година. Двете згради се поврзани со подземен ходник.