На 01.06.2016, ГЕИНГ КуК свечено ги отвори вратите на својата нова, веќе втора регионална канцеларија во Битола, во присуство на голем број гости, пријатели, соработници, претставници на институции и вработени. По првата успешно отворена канцеларија во Штип, веќе и Битолскиот регион ја има можноста да биде поблиску до услугите на ГЕИНГ Кребс унд Кифер и до широкиот спектар на експертизи.
Канцеларијата располага и со Лабораторија за испитување на бетон и арматура која е снабдена со најнови инструменти и опрема потребни за извршување на испитувањата.
Лабораторијата за испитувања на геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“, стационирана во подружницата во Битола, поседува комбинирана опрема од последната технолошка генерација со компактен дизајн, која во суштина е предимензионирана со цел да се обезбеди висок степен на цврстина и стабилност. Поседува хидрауличен безбедносен уред со максимален и минимален број на удари. Работи комбинирано, при што со хидрауличен селектор се избира опит за јакост на затегнување или јакост на притисок.
Со оваа опрема се извршуваат следниве испитувања:
- Определување на јакост на затегнување на арматура
(Испитувањето се врши на арматурни прачки со димензии од Ø 6 до Ø 25 и плочести примероци со максимални димензии од 25 x 15 mm)
Капацитет на затегање – max 500 kN
- Определување на јакост на притисок на бетон
(Испитувањето се врши на бетонски коцки со максимална димензија на страна 150 mm, или на бетонски цилиндри со максимални димензии d/h = 160 x 320 mm) Капацитет на притисок – max 1500 kN
Опремата содржи и додатоци – Екстензометри за мерење на деформации на арматурата после кинење. Истата е целосно дигитализирана со вграден печатач кој веднаш после испитувањето дава извештај т.е. резултати од испитувањето.
Сл. 1. Комбинирана опрема за испитување на арматура и бетон
Освен комбинираната опрема за испитување на бетон и арматура, Лабораторијата за испитувања на геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“ во Подружница Битола поседува и најсовремена опрема за теренски испитувања како:
- Kонтрола на модул на стисливост со статичка кружна плоча (МКС 1011:2015 / МКС У.Б1.046/68),
- Kонтрола на модул на стисливост со динамичка кружна плоча (МКTС 1012:2015),
- Oпрема за определување на волуменска тежина со метод со калибриран песок (MKC 1004:2013),
- Опрема за определување на слегнување на свеж бетон – Slump test (МКC ЕN 12350-2)
- Термометри за мерење на температура на свеж бетон (МКС У.М1.032),
- Калапи за земање на примероци од бетон – бетонски коцки за понатамошни испитувања, и сл.
Сл. 2. Динамичка кружна плоча
Сл. 3. Статичка кружна плоча
Сл. 4. Опрема за испитување со калибриран песок
Сл. 5. Калапи за бетонски коцки
Сл. 6. Опрема за Slump-test
Услугите на Лабораторијата за испитувања на геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“, стационирана во Подружница Битола, главно ги користат инвеститори, фирми изведувачи, каменоломи и бетонски бази.
Подготвил:
Менка Ристовска, дипл.град.инж.
(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)