Насловна / Архитектура / „Ла Бонбониера“ и Марадона создаваат магија

„Ла Бонбониера“ и Марадона создаваат магија

Главниот град на Аргентина е сместен во непрегледна долина наречена Пампас, на јужниот брег, на естуарот Рио де ла Плата, кој претставува заедничко устие на реките Парана и Уругвај во Атлантикот. Буенос Аирес, што во превод значи „добар воздух“ е град кој со својот изглед, архитектура, уредување, од сите јужноамерикански градови, најмногу потсеќа на европските. Градот брои три милиони жители, но со предградијата, во таканареченото градско пошироко подрачје, Голем Буенос Аирес, има преку 14 милиони и секогаш бил космополитски, највеќе благодарение на силниот бран на емигранти од Европа. Денес речиси 62 отсто од жителите на градот имаат италијанско потекло.

2_resize

Но, Аргентинците не би биле Аргентинци ако немаат свои специфичности, кои се резултат на латиноамериканските спротивставености на старото и новото, богатите и сиромашните, миксот на култури и духот донесени од Европа и измешани со домородното население и нивните обичаи и темперамент. Срдечноста, претенциозноста, спонтаноста, надежта, опуштеноста, емотивноста, љубовта кон животот е она што ги прави посебни. Во Аргентина најважни се две работи, две страсти – тангото и фудбалот, кои потекнуваат од исто место – сиромашните слоеви. Зошто е тоа така? Затоа што Аргентинците знаат да љубат, не ги кријата емоциите, умеат да ги покажат, живеат со срце. Затоа што во прегратката на тангото и фудбалот сè е можно, па така и луѓето кои тукушто се запознале доживуваат магија за цел живот.

P6080105_resize

Како и секој град кој држи до себе, така и Буенос Аирес има свое посебно место, душа на градот, најживописниот и најинтересниот дел – прочуената Ла Бока. Потполно различен кварт од останатите, Ла Бока ја изградиле сиромашните италијански емигранти, кои дошле кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. За да ги направат своите сиви куќи попријатни за живот, „позајмувале“ боја од блиското пристаниште и ги бојадисувале своите фасади во различни бои. Така Бока од работничка колонија станала боемски и уметнички кварт, преполн со ресторани и сувенирници, каде звукот на тангото и навивачките песни на фудбалските фанови се слушаат на секој чекор. Веселата и разиграна Бока денес е вистински музеј на отворено.

9_resize

„Ла Бонбониера“ и Виктор Сулчич

И додека во остатокот на светот фудбалот е најважната споредна работа, во Аргентина тој е буквално најважната, а во Бока тој е религија. Во душата на Буенос Аирес сместен е прочуениот храм на фудбалот, стадионот „Алберто Х. Армандо“, познат како „Ла Бонбониера“, на фудбалскиот клуб Boca Juniors, во кој играл и легендарниот Марадона. Малку стадиони имаат репутација на создавање атмосфера како „Ла Бонбониера“, затоа и е рангиран меѓу најмитските стадиони на светот.

1_resize

Но, малкумина знаат дека автор на проектот на овој култен стадион е Словенецот Виктор Сулчич. Овој словенечко-аргетински архитект е роден во 1895 година во Трст, студирал скулптура на Уметничката академија во Фиренца, а потоа дипломирал архитектура во Болоња. Сулчич во 1924 година емигрирал во Аргентина и таму соработувал со инженерот Josе Luis Delpini и со геометарот Raúl Bes, и заедно основале градежна компанија Delpini, Sulcic & Bes. Сулчич во Аргентина се смета за еден од пионерите на употреба на армиран бетон во градежништвото. Во 1929 година компанијата победила на натпревар за изградба на наткриениот пазар Mercado de Abasto во Буенос Аирес, во тоа време најголем пазар во Јужна Америка, кој пред некоја година е претворен во трговски центар. Проектот за големиот пазар веројатно ѝ помогнал на оваа тројка да добие уште една голема нарачка – проект за нов стадион за фудбалерите на Boca Juniors. Бидејќи задачата била да проектираат стадион за околу 50 илјади гледачи, соочени со мошне ограничен простор, стадионот бил многу голем архитектонски залак.

10_resize

Стадионот „Алберто Х. Армандо“, е отворен пред точно 80 години, повеќе пати е реновиран, но сè уште ја има својата првобитна форма. Неговото прво име било „Coliseo de la Boca“ (Колосеум на Бока), името не само што ја одразувало неговата импресивна големина, туку и фактот дека спектакуларно се издига помеѓу куќите во квартот. Во 2000 година е преименуван во чест на Алберто Хозе Армандо, долгогодишен претседател на клубот, но во суштина отсекогаш е „Ла Бонбониера“.

3_resize

Појдовната основа за просторното решение на стадион на мала и ограничена локација, било формирање трибини само од три страни, додека на четвртата страна (источната), имало тесна куќа за важни гости и обелиск на осовината. Поради ограничениот простор трибините се мошне стрмни, наводно сè уште е најстрмен стадион на светот, прво е изграден на две нивоа, така што горната трибина формира своевиден кров за онаа подолу, а на овој начин архитектите добиле нов простор за сместување повеќе гледачи. Стрмните трибини, кои речиси вертикално се издигнуваат, му даваат на стадионот фантастична акустика, што го прави навивањето уште погласно. Ова во комбинација со френетичната поддршка на навивачите на Boca Juniors, создаде место на страв за клупските ривали, па поради тоа навивачите на Boca го добиле прекарот „La Docе“ – „12-ти човек“.

Bombonerahoy2_resize

Гледајќи во основа, стадионот е во форма на латиничната буква „D“. Поради правоаголниот облик од самиот почеток е нарекуван „Ла Бонбониера“, име по кое и денес е најпознат. Како го добил ова име, низ Буенос Аирес кружат повеќе анегдоти, а во сите Сулчич е во главна улога. Легендата вели дека пријател за роденден му подарил бонбониера, која речиси била со идентична форма како планираниот стадион. Сулчич со бонбониерата отишол на состанок, каде се разговарало за стадионот, и гледајќи во подарокот, за стадионот почнале да разговараат како „Бонбониера“, на сите им се допаднал прекарот и така почнале да го нарекуваат и во јавност.

Стадионот неколку пати е надградуван

Бомбониерата на Сулчич неколку пати е надградувана. Третото, најстрмно ниво е завршено во 1953 година, заедно со системот за осветлување. Поради недостаток на простор градбата морала да оди во висина, оставајќи простор на теренот само за пристапи кон горните делови.  Последен пат стадионот е обновен во 1996 година, обоен жолто-сино, со жолто-сини седишта во боите на клубот.

11_resize

Тогаш е подигната и ВИП-трибината, „седумкатна деловна зграда“, каде речиси 3.000 гости имаат свои ВИП-ложи. Исклучително малата локација овозможила терен со најмали димензии кои ФИФА ги дозволува. Конструкцијата на стадионот е проектирана за големи оптоварувања од метеж, но овде метежот е огромен, па така конструкцијата преполна со луѓе вибрира додека фановите скокаат и пеат. Се вели ова не е „тресење“, тоа е „отчукување на срцето“ на „Ла Бонбобиера“, додека играчите чувствуваат како буквално им се тресе тлото под нозете.

1064347726_resize

Сулчич, починал во 1973 година во Буенос Аирес, а покрај пазарот Abastea и „Ла Бонбониера“, работел и на други проекти, како црквата „Пресвето Срце Исусово“ во San Justо на гробиштата во Буенос Аирес. Неговата „Ла Бонбониера“ е отворена на  25 мај 1940 година со пријателски меч Boca Juniors – San Lorenzо, завршен 2 – 0 во корист на Boca. Но мечот траел само 70 минути, бидејќи сè уште немало осветлување. Првиот официјален меч е одигран на 2 јуни истата година, кога Boca Juniors го победила Newell’s Old Boys 2 – 0, а првиот официјален гол го постигнал Ricardo Alarcón, останатото е историја.

Кога архитектурата е место

Стадионот „Ла Бонбониера“ е култен, тој е иконичен објект за сите обожаватели на фудбалот во светот. Не постои љубител на спортот кој не посакал барем еднаш да го посети овој стадион, и не постои навивач кој барем еднаш не посакал да присуствува на вечното дерби, на „суперкласикото“ Boca Juniors – River Plate. Овој стадион не е иконичен објект поради својата архитектура. Овде архитектурата не е главна, таа е функција, овде таа го собира духот во еден заеднички простор, овде архитектурата е место. Овде архитектурата ни покажува колку е таа всушност секаде присутна, колку е сестрана и колку е важна нејзината комуникација со луѓето, со настанот, со моментот, со емоцијата. Ни покажува колку таа може и тогаш кога не е најубава. Објектот „Ла Бонбониера“ има недостатоци, има буквално вертикална ВИП-ложа, оддалеченоста на теренот од трибините е седум метри, аглите на стадионот се на само четири метри од теренот, исто како и вертикалната трибина.

o_boca_juniors_la_bombonera-1497827_resize

Падот на првиот прстен на трибините изнесува 22 степени, на вториот 38, а на третиот, најстрмниот неверојатни 44 степени. Не се некои стандарди според правилници за проектирање стадиони, а уште помалку оние на ФИФА, нели? Но, не постои стадион како „Ла Бонбонера“ и ниту еден нема душа како таа. Секако дека низ светот има бројни прекрасни стадиони од класични до оние најсовремените со неверојатни технологии. „Ла Бонбониера“ не може да се спореди со нив, но не се ни обидува, а не чувствува ни потреба. Таа има нешто што ретко кои стадиони го имаат – жар, овде стадионот го прават луѓето. Многу современи стадиони, исклучителни архитектонски дела, претенциозни, некои и брутално наметливи и болно амбициозни, седат како духови на своето време, празни, не знаејќи што со себе. Некои од нив неодржливи, стануваат проблем на заедницата, истурени се милиони, а посетителите се ретки. Едноставно е, архитектурата не успеала да направи место.

7_resize

Борбата на Марадона е родена на „Ла Бонбониера“

„Ла Бонбониера“ има уште една и единствена привилегија, го има „Ел Пибе“. Армандо Диего Марадона, роден во 1960 година во Ланус (покраина на Буенос Аирес) во населба без вода, без асфалт, опкружен со сиромаштија, комшии макроа и пензионирани убијци. Почина точно пред еден месец, на истиот ден со оној на кој му се восхитуваше и го истетовира на левата нога – Фидел Кастро (а на десното рамо, кој друг ако не Че Гевара). На 25 ноември 2020 година „Ла Бонбониера“ се истопи. Марадона својата единствена титула со аргентински клуб ја освои со Бока Јуниорс на неговата „Ла Бонбониера“. Стадионот и Марадона се исти, потекнуваат од исто место, заедно го искусиле животот во сиромашна фавела, фанатизмот на навивачите, отпорот и вечната борба против богатите. Сулчич не знаел за Марадона, но очигледно, што е многу важно за еден архитект, го знаел менталитетот и местото. Знаел дека стадионот ќе го даде она што од него се бара, а за возврат ќе добие фудбалска легенда каква никој нема.

11_resize

Сулчич знаел која е религијата на Бока и знаел дека е само прашање на време кога ќе се појави тој – најголемиот. Сулчич како и секој добар архитект осетил дека местото ќе произведе стадион, кој со „Ел Пибе“ ќе си даваат заемна огромна љубов. Архитектот бил свесен дека „Ла Бонбониера“ не е обична машина за пари како останатите стадиони, знаел дека во Бока стадион е светилиште, кое ќе изнедри некој кој ќе промени сè.

5_resize

„Ла Бонбониера“ и Диего имаат ист став, создаваат магија, која остава вечен траг на фудбалската игра, која никогаш не би била најважната споредна работа на светот ако не се тие. Има многу поубави стадиони од „Ла Бонбониера“, можеби ќе има и подобри фудбалери од Марадона, но никој никогаш нема да биде сакан како нив, никој не може така да ги усреќи сиромашните деца на оградата со искра во очите. Затоа во многу аргентински куќи покрај сликата на Исус стои и онаа на Марадона, исто е и во италијанскиот Неапол. Стадионот и фудбалскиот бог имаат меѓусебно разбирање, разбирање на сопатник. На стадионот границите на реалноста се јасно исцртани, но Марадона беше оној кој ги преоѓаше. Марадона на луѓето им даваша магија, а на Аргентинците им даде и освета. Освета на обичниот, колонизиран Аргентинец која највеќе е изразена во четвртфиналниот меч меѓу Аргентина и Англија на Светското фудбалско првенство во Мексико во 1986 година на стадионот „Астека“.

WCup Soccer World Cup Greats

Пред целиот свет Марадона, како што самиот ќе каже „им го украдов паричникот на Англичаните“. Мечот се играше четири години по војната на Фолкландските Острови. Марадона се претвори во осветник на својот народ, на неговите 321 загинати морнари. Во 51. минута постигна гол со рака (но не било каква, „божја“), и сите знаеја дека е нерегуларен, и тој, и играчите, и судијата, и целиот свет. Овој најконтроверзен спортски настан во 20 век стана метафора на борбата родена на „Ла Бомбониера“, против колонијализмот, глобализмот и мултинационалните корпорации кои ја пустошат Јужна Америка. И тогаш целиот свет сфати кој е Марадона. Затоа што како што вели неговиот сонародник, големиот Борхес: „Секоја судбина, без оглед на нејзината должина и сложеност, се состои од еден единствен момент, момент во кој човек еднаш и засекогаш сфаќа кој е“. Потоа, по само неколку минути Марадона им покажа на Англичаните како се постига гол. Ако првиот гол е латиноамерикански презир кон правилата и богатите, кои можеш да ги надиграш само ако ги надмудриш, ако прв ги излажеш можеш да ги победиш, а Марадона тоа многупати го почувствувал на своја кожа, тогаш вториот гол е фудбалско чудо. Неколку минути подоцна, земајќи ја топката уште на аргентинската половина, предриблувајќи го речиси цел тим на Гордиот Албион, водејќи ја топката само со лева нога, претворајќи се во гениј, ја сместува во мрежа, постигнувајќи го најубавиот гол во историјата на светските првенства.

15_resize

Затоа тој ја обележа „Ла Бонбониера“, Аргентина и светот ги одреди, непослушното „златно дете“ им го даде она што повеќе никој не може да им го даде – магија. Неговата „Бонбониера“ се прости од него сама, само тој и таа, на стадионот беа угасени сите светла, освен едно кое гореше во ложата на „Ел Пибе“.

14_resize

Животот на фудбалската легенда, проткаен со разни скандали, можеби тој самиот најдобро го опиша „Ако е Пеле фудбалски Бетовен, јас сум Кит Ричардс“. Во Аргентина може да се видат транспаренти „Без оглед што направи со сопствениот живот, Диего, важно е што направи за нашите животи“. А тоа што го направи го научи на неговата „Ла Бонбониера“.

12_resize

Испрати коментар

Scroll To Top