Насловна / Вести / Квалитет на внатрешен воздух и здравствени ризици: Каков е квалитетот на внатрешниот воздух во училиштата во Општина Карпош?

Квалитет на внатрешен воздух и здравствени ризици: Каков е квалитетот на внатрешниот воздух во училиштата во Општина Карпош?

Во организација на „Центарот за климатски промени (ЦКП) “денес со посредство на платформата Zoom се одржа завршниот настан – конференција во рамките на проектот „Квалитет на воздухот и здравствените ризици од загадувањето на воздухот во затворени простории“. Овој проект е финасиран од страна на Австралиската амбасада за Србија, Македонија и Црна Гора,и е една од првите иницијативи за третирање на оваа проблематика кај нас. Проектот е започнат во јуни 2020 и ќе трае до јуни 2021. Централна активност е мерењето на квалитетот на внатрешниот воздух во однос на полутантите PM10, PM2,5, CO2 и VOCs во сите 10 основни училишта во Општината Карпош.  Мерењата се извршени во континуитет во тек на осум месеци. Резултатите покажуваат дека вредностите на овие полутанти во внатрешноста на објектите го следат загадувањето во надворешната средина. Од направената анализа и споредбата направена со мерењето во други училишта не само во Македонија туку и училишта од Европа може да се заклучи дека концентрациите на РМ10 и РМ2,5 се прилично ниски што во голема мера е условено од ситуацијата со пандемијата предизвикана од Ковид-19.

ckp

Редовното проветрување, користењето на прочистувачи на воздухот и елиминирање на внатрешни извори на загадување (од системите за затоплување и сл.) можат да придонесат за подобар квалитет на внатрешниот воздух. На настанот се обратија претседателот на ЦКП, Бојана Станојевска Пецуровска, амбасадорот на Австралија Н.Е. Ruth Stewart и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев. Свои презентации на темата имаа проект менаџерот на ЦКП Филип Стојановски, проф. д-р Дејан Мираковски од УГД, проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје и Ирина Застенскаја од Светската Здравствена Организација. Беше посочено дека квалитетот на внатрешниот воздух е идентификуван како еден од петте најголеми ризици по јавното здравје на глобално ниво. Ова добива уште поголемо значење во сегашниве услови на пандемија, кога луѓето минуваат многу поголем дел од времето во затворени простории. Особено ранлива категорија во однос на овој аспект се децата. Потребно е континуирано да се работи на подигање на свеста за овие аспекти од јавното здравје кај донесувачите на одлуки,  а реконструкциите на училиштата да опфаќаат и следење на ефектите по однос на квалитетот на внатрешниот воздух.

 

Испрати коментар

Scroll To Top