Темата околу концентрацијата на население во Скопје е секогаш актуелна во Македонија, особено во последните 10 – 15 години. Градежната експанзија, замирањето на остатокот од државата поради иселувањето на голем процент од населението во трети земји, несреќното урбанистичко планирање и отсуството (или непокренувањето) на механизми за контрола се главните чинители за појавата на изразито нерамномерниот регионален развој присутен денес.
УЛОГАТА НА МИГРАЦИОНИТЕ ДВИЖЕЊА
Миграционите движења се комплексни појави и процеси кои не може да бидат разгледувани и анализирани еднонасочно. Од неколкуте позастапени видови и типови во светот, во Македонија особено интересен за разгледување – не сметајќи го иселувањето во побогатите држави – е интензивното доселување од внатрешноста во главниот град. Ваквото доселување веќе одамна ги надмина извесните „природни“ миграциони закономерности карактеристични за нормалните држави низ светот. Сериозното надминување на вообичаениот интензитет на доселување на населението во најголемиот град во државата (или во покраината/регионот доколку се работи за големите земји) се должи најмногу на безобразното неводење грижа на институциите за тоа да обезбедат рамномерен регионален развој и преку своите механизми да обезбедат работа и пристојна егзистенција на населението во поголемиот дел од внатрешноста и тоа пред сè за помладата популација.
Инаку, светот познава примери кога дури и во развиени држави, значителен процент од популацијата е концентрирана во еден град, како што се примерите со Монтевидео, Тел Авив, Буенос Аирес, Атина, Виена итн. Сепак, разликата од Скопје до вакви или слични примери е тоа што во нивниот случај, концентрацијата најчесто е резултат на природни миграциони текови и/или природен прираст кои се јавувале низ значително подолга временска рамка, појави коишто не влијаеле на рапидно „осакатување“ на остатокот од државата. Дури може да се спомене и фактот дека остатокот од населението во ваквите држави е во доволен број со кој останатите градови може да останат во „самоодржлива“ кондиција, независни (или барем не во преголема мера зависни) од најголемиот град. Тоа е така бидејќи концентрациите на население во еден град – не сметајќи ги микродржавите или поедини исклучоци – се случуваат во и околу најзначајниот историски центар, кој низ годините прераснал во неколкумилионски мегаград, но сепак во државата останувале уште неколку милиони за да го „пополнат“ останатиот дел. Тоа не е случај со Македонија. Според неофицијалните пописни податоци од годинава, едвај и да ја надминуваме бројката од 1 830 000 жители, а за Скопје и околината се шпекулира со бројка од блиску 850 000 регистрирани жители. Чинам дека де факто бројката е поголема, бидејќи на огромен број на студенти и млади лица кои времено престојуваат во Скопје и веќе си ја гледаат иднината во главниот град, адресата сè уште им гласи на семејното огниште во местото од кое дошле да студираат или работат. Затоа стремежот за обезбедување егзистенција, особено преку работење во дејност за која одредена индивидуа е квалификувана, е главна водилка за масовното, но во крајна линија разбирливо доселување во Скопје. Реалноста е дека во внатрешноста населението живее во места кои веќе се неодржливи сами по себе – градови во кои недостигаат не само какви било работни места, туку и огромен број на дејности и професии, што не било случај претходно. Најдобар пример за таквата нерамномерност, неодржливост и зависност од главниот град е здравството: практично цела држава се потпира на скопските здравствени центри кога станува збор за покомплексни операции, па и испитувања, снимања, посериозни дијагнози или други интервенции.
ДРЖАВАТА ОД ЕДНА, ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА ОД ДРУГА, БОРБАТА ЗА ЕГЗИСТЕНЦИЈА ОД ТРЕТА СТРАНА
Ваквите поразителни тенденции по рамномерниот регионален развој, државата има(ше) механизми за да ги превенира. Но, отсуството на применлива државна стратегија, матната законска регулатива и нефункционалните или неупотребени контролни механизми создадоа плодна почва за поткопување на уставниот императив за рамномерен регионален развој. Поткопувањето секако дека го врши градежната мафија. Одамна не е тајна дека бизнисот со градежништво во Скопје е вносен бизнис, особено што колку сте „поголеми“ во бизнисот, толку експоненцијално ви растат и профитите, но и апетитите, бидејќи секоја нова наредна инвестиција е поголема од претходната и претставува поголема зграда, на поатрактивна локација – неретко и повеќе такви згради. Продукцијата на нови и нови станбени единици, е еден од предусловите за останувањето на довчерашните студенти во главниот град, паралелно со замирањето на местата од кои тие доаѓаат. И немаше тоа толку да биде надвор од светските практики, доколку тоа се случуваше во природни миграциони рамки. Во Македонија одамна е надминат природниот карактер на миграцијата кон главниот град како средина на повеќе можности. Таа миграција веќе наголемо е прерасната во нужност, неопходност; добива карактеристики на борба за живот, борба за иднината, особено за младите луѓе кои доаѓаат од малите места во Македонија.
Настрана од ова, уште понеприродна и попоразителна за рамномерниот развој на државата е една друга тенденција: доселувањето во Скопје на цели семејства од внатрешноста, и неретко веќе остварени професионалци во своите средини. Тие веројатно размислуваат во правец на тоа дека доселувањето на целото семејство во Скопје, автоматски ќе им создаде на нивните деца поголеми предуслови за кариерен успех во однос на местото во кое се родиле и ги поминале првите години од детството. Ваквото размислување за иднината веројатно е поттикнато од стравот за тоа дека локалните средини можеби нема да можат во иднина да им овозможат на нивните деца плодна почва за работа како што моментално ним им е овозможено таму. Трагедијата е што тоа не е нималку песимистичко, и сигурно дека родителите ќе бидат горди на својата одлука што дошле навремено во Скопје, ако утре детето им посака да биде биохемичар или градежен инженер, а во своето мало место речиси сигурно би немало работа за него.
КУПУВАЊЕ (ДОПОЛНИТЕЛЕН) СТАН ВО СКОПЈЕ – ИНВЕСТИЦИЈА, СТАТУСЕН СИМБОЛ ИЛИ НЕШТО ДРУГО?
Ова е во тесна релација и со еден друг тренд: купување по секоја цена стан во Скопје, на кој може да му се пристапи и со филозофска размисла: дали станува збор за „сигурна“ инвестиција, која преку издавањето на станот ќе ги врати парите, или е помодарство, статусен симбол, „поглед“ кон иднината, своевиден „поттик“ за идна транзиција кон животот во Скопје или? Неретко се случува и да се преклопат некои од причините. Немам намера да влезам во толкувања, од проста причина што од аспект на купувачот (речиси), сите причини, кои и да се, се оправдани и легитимни сами по себе. Особено што нели, во ера на капитализам, секому му е дозволено да прави со своите средства што сака.
Веројатно повеќето причини важат и за самите жители на Скопје кога купуваат дополнителен стан кој не им е потребен за живеење. Дали е инвестиција, статусен симбол или нешто друго, станува неважно во пазарна економија во која важна е побарувачката. А токму поради редот причини побарувачката на станови во Скопје достигна едно вулгарно плато кое само по себе, освен што му наштетува на рамномерниот развој, ѝ штети и на урбаната нормалност, која еден град треба да ја има: хумана, здрава средина со нормален квалитет и услови за живеење. Но, овој пат поентата ќе ја однесам во правец кон тоа какви станови „носи“ енормната побарувачка за нив, а не кон намалениот квалитет на живот во Скопје поради неприродниот раст на населението и несреќното урбанистичко планирање.
ДАЛИ ЕНОРМНАТА ПОБАРУВАЧКА НА СТАНОВИ ВЛИЈАЕ НА НИВНИОТ КВАЛИТЕТ?
Да, во негативна смисла. Колку што повеќе еден производ е баран, толку расте потребата за негова продукција, а ретко кога може да добиете и квантитет и квалитет – најчесто тие два поима се спротивставени во економијата. И веројатно затоа во борбата да се изгради стан плус во Скопје, се занемарува неговиот квалитет, или барем оној најрелевантниот: неговата архитектура. За жал тој аспект најчесто е невидлив за еден лаик, кој забележува дека одреден стан е несреќно решен само кога ќе почне да живее во него. Од друга страна, продавачите на станови секогаш, без исклучок, пробуваат да ги убедат потенцијалните купувачи со тоа дека во станот се користени квалитетни плочки, првокласен паркет и санитарен прибор, фантастични прозорци итн. Сами по себе таквите аспекти се добредојдени, но никогаш не треба да се клучни во изборот на станот, а за жал веќе наголемо се. Купувачот ретко кога умее да препознае лошо решен стан, и најчесто е „уловен“ на брендот на санитариите, на пример.
Затоа и стана нормално да се влегува во станот директно во кујната која претставува ѕид со елементи во рамките на дневниот престој, а „трпезаријата“ е некаде помеѓу; станот, и покрај тоа што има две спални (најчесто едната 10, другата 8 квадратни метри) има само една ориентација и претерано издолжени соби во обидот да го дофатат светлото од фасадата – последица од лошиот урбанизам и претерано длабоките површини за градба; собите имаат површина која не ги задоволува соодветните минимални квадратури пропишани во законската регулатива; комуникацијата е ужасна и неретко седејќи на софата во дневната соба може ако пружите рака да го дофатите телевизорот, а и да ја видите веце-школката во бањата доколку единствената врата помеѓу е отворена.
Ваквите несреќни решенија произлегуваат од мноштво фактори, а меѓу другите и од енормната побарувачка елаборирана погоре. Некој би ги одбранил ваквите несреќни решенија со тезите дека начинот на живот во денешно време е променет во однос на порано: животот станал побрз, на луѓето не им требало преголем простор за јадење; не била потребна голема кујна – денес има готови кори во продавница; ходниците биле непотребни, чинеле пари и го правеле станот „ладен“, а просторот залудно потрошен; добро било да се влегува во кујна за веднаш да се остават намирниците на работната маса; а секако, некој ќе рече и дека трендот бил таков, а западните земји одамна правеле слични станови. А нели, сè што доаѓа оттаму, мора да се копира тука, без разлика дали е лошо или добро.
УЛОГАТА НА КАПИТАЛИСТИЧКИОТ СИСТЕМ
Сите овие аргументи имаат една врзна нишка: капиталистичкиот систем во кој далеку поважен е приватниот од јавниот интерес. Парадоксално, мојот приватен интерес како купувач на одреден стан е во подредена позиција на нечиј друг приватен интерес кој како „поголем“ од мене, инвестирал во зграда чиј проект „некако“ добил одобрение од сите инстанци и ми продал несреќно решен стан. И втор парадокс кој произлегува од првиот: мојот приватен интерес во тој случај е загрозен на начин кој не би се случил во социјалистички систем, иако тој систем на пиедестал го става интересот на колективот, а не мојот како поединец. Тоа е така бидејќи во теорија, социјалистичките системи не познаваат таква поставеност на приватните интереси во кој помалите риби се изедени од поголемите риби (бидејќи над сите нив е јавниот интерес), а урбанистичкото планирање е строго сфатено онака како што, барем по дефиниција, сè уште е и овде: јавен интерес – како што на овие простори било сфатено и колективното домување, не само планирањето.
Работа од јавен интерес треба да бидат објектите за колективно домување и денес, а институциите мора да ги заштитат идните купувачи преку проектантска примена на минимално пропишаните стандарди за домување. Во контекст на тоа, чинам дека во Југославија, па и во другите комунистички или социјалистички земји, се продуцирале далеку посреќни станбени решенија во однос на капиталистичките западни земји во истиот период. Гледајќи низ тој аспект, станбената политика на Југославија можеби нè има и разгалено, па со доаѓањето на капиталистичките западни ветрови и појавата на гореопишани „капиталистички“ станови – кои за волја на вистината не се ништо полоши од просечен стан во која било западна земја – се чувствуваме поразени споредувајќи ги со нив далеку поквалитетните решенија од времето на социјализмот. Впечатокот ми е дека критериумите за тоа што е добар стан ни се високи (барем во нашите професионални кругови), како резултат на одличната продукција во Југославија и наследената југословенска школа. За жал таквите критериуми по сè изгледа се недофатливи во нашево капиталистичко општество, а колку побрзо ќе ја прифатиме таа реалност, толку понебезболно за нас како архитекти.
Не е лошо и таквата реалност навремено да им ја пренесуваме на студентите по архитектура и новите архитекти. Како пример за тоа како не треба да се проектира, секако.
Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.