Насловна / Архитектура / Културно-рекреативен акропол на Скопското кале

Културно-рекреативен акропол на Скопското кале

Првонаградениот труд со шифра МОДУЛ на распишаниот конкурс од страна на МСУ, Архитектонскиот факултет – Скопје и Град Скопје за архитектонско и урбанистичко уредување на Калето, обединува два начини на градоградење – модерниот и строг што ја поставува модуларната мрежа на интервенцијата, и другиот спонтан и неправилен, прилагодлив на теренот.

Согледувања за локацијата во контекст на градот
Скопското возвишение Градиште, одминато од хоризонталниот раст на современото Скопје, прераснува во една значителна урбана пауза. На локалитетот, една од највисоките пејзажни точки во градот, низ историјата се развивала култура на утврдување и оваа тектонска традиција на градба резултирала со два бедемa, скопската тврдина од една страна и комплексот гробишта и амбасада, од другата.

4

Контратежа помеѓу овие две утврдувања, со својата апстрактна и лебдечка структура, претставува објектот на Музејот на современата уметност, изграден во еден специфичен општествено-политички контекст водејќи се од начелото на солидарност и еднаквост.
Доколку се апстрахира арбитрарната градба која се јавува по периферијата на ридот, територијата помеѓу наведените три точки има потенцијал од неартикулиран парк да прерасне во простор од големо значење за градот.
Пределот на интервенцијата, едно континуирано возвишување покрај реката Вардар, е топографски елемент на раздвојување на два урбани наративи. На двете страни на оваа издигната платформа со временска дистанца се развиваат два типа на градоградење. Чаршијата, со тенденција на формирање поситни урбани слеани вернакуларни структури градејќи го карактерот на регионални претпоставки, топографски и климатски карактеристики, и новиот модерен град, со сегментирани рационални урбани елементи наместа здружувани во урбани блокови и бедеми, со стремеж за стандардизација и асоцијација се внимателно вградени во предложеното решение. МОДУЛ ги обединува двата начини на градоградење – модерниот строг преку модуларната подлога на интервенцијата, и спонтаниот и неправилен, преку сврзните елементи прилагодени на условите на теренот.

3
За интервенцијата на ридот Градиште
Гледајќи на ридот како на предел со исклучителна местоположба во градот, целејќи истиот да прерасне во еден културно-рекреативен акропол и врзивно ткиво за непосредниот контекст, МОДУЛ предвидува две нови пристапни точки, кои се соодветен одговор на топографијата и урбаната содржина на ридот и неговата околина.

Интервенцијата предвидена со проектот, дело на архитектите Марија Антиќ-Николова, Ана Рафаиловска, Лидија Ристовска и Невенка Манчева-Аџиевска, го опфаќа непосредното опкружување на МСУ. На истото, ослободено од бесправно изградените објекти кои програмски и квалитативно не се вклопуваат во контекстот, се поставува замислена модуларна мрежа чии димензии произлегуваат од конструктивниот модул на објектот на музејот, односно 8.4 м/8.4 м, во рамките на која се вметнуваат урбани елементи.

1

Мрежата се протега во двата правци – на јужната страна од МСУ, кон тврдината, и на северната страна, кон француските гробишта. На овој начин се постигнува физичко и програмско поврзување на објектот на Mузејот од една и утврдувањата од друга страна. Од состојба на исклучивост и меѓусебна некомуникација, гестот на нивното поврзување го трансформира ридот во една програмска целина.
Генеративната мрежа во просторот ја добива својата појавност преку неколкуте типа на цврсти урбани елементи – бетонски клупи, игралишта и амфитеатри, кои се втиснати во теренот и кои на неговата неправилна топографија конструираат привидна регуларност. Елементите се бели и нивната конкретна позиција и форма во мрежата ја добиваат согласно конкретните одлики на потесниот топографски предел во секој од модулите, истовремено водејќи сметка за визурите кон градот и експонираноста или затскриеноста во однос на постоечкото зеленило. Нивната појавност и материјалност треба да сугерира археолошки наоди и на тој начин да алудира на напластените и скриени историски градителски слоеви на локалитетот Градиште.

2
Втор тип на елементи кои се вметнуваат во мрежата се пристапните платформи и привремените изложбени павилјони. Тие, за разлика од цврстите и статични партерни елементи, се перципираат како лесни конструкции и нивниот однос кон теренот е ненаметлив и речиси лебдечки. Површината на елементите е на места перфорирана за да дозволи директен контакт и поврзаност со постоечкото зеленило. На места теренот навлегува врз платформите со што се постигнува мека транзиција меѓу внатрешниот и надворешен простор.
Како трет слој во новата конфигурација се јавува пешачката патека. Таа има за цел да ги поврзе сите елементи нанижани во мрежата преку една прошетка од едниот до другиот крај на локацијата – од едната пристапна точка на северната страна до тврдината и контактот со чаршијата на југоисточната страна. За разлика од елементите кои ја следат модуларната мрежа, патеката има мека одна линија што го следи теренот и неговата топографија. Нејзината појавност е суптилна, но јасна и го води посетителот низ локацијата и сите нејзини програмски содржини.

5
Примарната цел во однос на озеленувањето е да се облагороди локацијата, без притоа да се наруши постојниот и специфичен хабитат, ниту пак да се измени топографската линија. Токму таа е едно од најзначајните обележја кои му задаваат културолошки атрибути на овој предел. Тоа се остварува преку организација на просторот во три различни зони. Првата зона се јавува на екстремно стрмните предели кои се сериозно загрозени од ерозија. Во оваа зона се предвидува озеленување со спонтани видови на нашата флора, со густи коренови системи, во комбинација со антиерозивни мрежи. Во средишната зона се предвидува ниско грмушесто зеленило до 2 м, со цел да се избегне попречување на панорамските погледи кон центарот на градот и Водно, но и промена на гореспоменатиот хоризонт кога се набљудува ридот од центарот на градот. Во третата зона се предвидува одржување и збогатување на постојниот растителен фонд онаму каде што е неопходно, со видови кои се веќе застапени на локацијатa.
Потесната локација на која се лоцираат привремените градби – изложбените павилјони е одредена со цел истите да имаат блиска и непосредна врска со објектот на музејот, а истовремено да не ја нарушат неговата појавност кон градот и физички да не го загрозат во својата сувереност на врвот од ридот. Павилјоните се осмислени да бидат лесни, ненаметливи, порозни, во контакт со природата и своето опкружување. Идејата на проектот е да понуди различни амбиенти и сценарија на користење во служба на МСУ, а и на случајните минувачи. Нивната појавност е инспирирана од експресивната бетонска касетирана таваница од тремот на музејот, но кај нив таа е лесна, од тенки челични флахови, која лебди над теренот и оформува место за различни поставки и случувања.
Слоевитоста на интервенцијата предвидена со проектот МОДУЛ како идеја во себе ја содржи фазноста на нејзината изведба. Секој од слоевите е истовремено и независен и поврзан со останатите слоеви. Така, оформувањето на пејзажот на Калето може да се одвива постепено, почнувајќи од најситните елементи што ќе ја наговестат мрежата, ќе најават артикулација на просторот, а понатаму истата ќе се надополнува низ времето, за крајно да се поврзе со градот, подготвена да ги прими сите нови посетители и нејзини корисници.

6

Автори: Марија Антиќ-Николова, Ана Рафаиловска, Лидија Ристовска и Невенка Манчева-Аџиевска

Испрати коментар

Scroll To Top