На 20-ти ноември оваа година Советот за регистрација на архитекти на Велика Британија ги објави загрижувачките резултатите од истражувањето за културата на работното место на архитектите во земјата. Резултатите на истражувањето покажале исклучително ниво на дискриминација и сексуално вознемирување на вработените во архитектонската дејност коишто се повисоки и од оние присутните во високото образование и здравството, а во коишто се спроведени слични истражувања.
Според истражувањето, културата на работното место во архитектонската струка во земјата е одбележана со:
- Архитектите чувствуваат дека ги вклучуваат многу од вредностите и карактеристиките коишто јавноста и клиентите ги очекуваат од членовите на професијата, вклучително со интегритет, чесност, посветеност и одговорност, но не и сите, како на пример емпатија, почит, вклучителност, или сигурност за искажување на загриженост.
- Само половина од вработените во струката се согласуваат дека нивната работна средина е вклучителна, но нивото на согласност се намалува кој припадниците на помaлку репрезенентативните групи, како жените, етничките малцинства и лицата со специјални потреби.
- Архитектите се загрижени за понискиот квалитет на работата, етичкото однесување и благосостоја, како резултат на прекумерното оптоварување на работното место и хеирархијата која понекогаш создава значјни дисбаланси.
Веројатно позагрижувачки се проблемите врзани со недоличното однесување во рамките на струката, а од кои како најзначајни резултатите од истражувањето ги потенцира овие:
- 41% од испитаниците искусиле мобинг, 33% дискриминација, а 10% недолично сексуално однесување. Иако не многу сектори објавуваат резултати од слични истражувања за споредба, искуствата на вработените во архитектурата се полоши од оние коишто објавуваат вакви истражувања.
- 38% од сите лица во струката искусиле навреди, стереотипи или шеги поврзани со нивните карактеристики, при што овие искуства се поголеми кај жените (53%), кај оние од етничките малцинства (46%) и кај оние со посебни потреби (46%).
- 19% од сите лица во струката и 24% од жените во струката искусиле непожелни сексуални коментари, додека 12% од сите лица во струката и 24% од жените во струката биле изложени на несакано сексуално додворување.
- Една третина од лицата во професијата не би се чувствувале доволно смели да ја искажат својата загриженост доколку искусиле или виделе недолично однесување, и тоа, затоа што не се убедени дека тие серизно ќе бидат сфатени и од страв дека тоа ќе влијае на нивната кариера. Дополнително тие сметаат дека процесот за искажување на загриженоста не е доволно јасен.
Истржувањето било спроведено во 2024 година од страна на независната експертска агенција за истражување „Тхинкс Инсајт анд Стратеџи“ која развила детална методологија на истражувањето. Тие најпрвин спровеле анкета помеѓу регистрираните архитекти, работодавците, студентите (преку архитектоннските факултети), и преку социјалните медиуми при што 898 архитекти и лица на почетокот на својата професионална кариера земале учество, а по што детални разговори биле спроведени со 15 од учесниците на појдовната анкета.
Ова независно истражување се фокусирало на искуството на архитектите од културата на работење на нивното работно место и како таа влијае на квалитетот на нивната работа. Советот за регистрација на архитектите, во својство на одговорно тело за регулирање на професијата, го одсликува јавниот интерест во нивниот пристап кон регулацијата, и истражувањето било спроведено за да се поддржи развојот на новиот Кодекс на однесување и пракса, да ја информира работата на Комисијата за искуства од професионалната пракса преку стекнување на повеќе разбирање за тоа што се случува за време на појдовната едукација и обука на идните архитекти, како и да одговори на загриженоста искажана од некои од архитектите и други стручни лица за однесувањето и културата во рамките на професијата. Собирањето на независни докази се очекува дека ќе му помогне на Советот да ја разбере културата во оваат професија, како и влијанието од оваа култура на архитектите, а преку нивната работа и на јавноста.
Разбирливо, резултатите на истражувањето поттикнаа низа коментари. Така, според Алан Кершо, Претседавачот на Советот за регистација на архитекти, „Архитектите играат витална улога во општеството. Јавноста се потпира на нивната компетентност и има потреба тие етички да се однесуваат, да ги почитуваат луѓето и да ја искажат својата загриженост доколку имаат некакви проблеми. Најголемиот број на архитекти се добри професионалци кои етички се однесуваат. Но, ние сме згрозени од сознанието дека многу од нив трпат повисоко ниво на дискриминација и недолично сексуално однесување отколку во некои други професии. Очигледно има потреба од лидерство тука; сите професионалци во секторот на изградената средина треба да поддржуваат подобра култура за подобра изградена средина“.
За претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, Мујива Оки, „Кралскиот институт на британските архитекти длабоко е загрижен за наодите на истражувањето на Советот за регистрација на архитектите, кое открива широко распространета дискриминација и недолично сексуално однесување во професијата. Овој вид на однесувања не може и нема да биде игнориран. Додека одредени бироа веќе водат преку своите примери, и промовираат култура на вклученост и почит, доказите се очигледни дека целата професија треба да делува. Промовирање на промени за да се подобри благосостојбата на работното место е приоритет за Институтот и ние ја согледуваме нашата уникатана, важна улога за ова да се постигне, како и потребно ниво на делување. Како што ние се обидуваме да ги објавиме резулататите од нашето истражување, ние сме подготвени да ги превземеме потребните чекори. Ние продолжуваме да работиме со Советоѕ и други тела за да овозможиме професија која е вкоренета во безбедност, почит и вклученост за сите.“
Според Марк Томпсон, раководен партнер во (архтектонското биро) Рајдер Архитекчур: „Доказите јасно ги илустрираат неуспесите во нашиот сектор и важноста од воспоставувањето на култура која вклучува и поддржува. Ова треба да биде повеќе од реторика и политички изјави, туку опиплива промена на начинот на размислување, заради што го поздравуваме новиот Кодекс на однесување и пракса. Рајдер се гордее со негувањето на вистински заеднички вредности, засновани на еднаквост и взаемено почитување, а ние вложивме значително време во практични и широки консултации со нашите вработени. Овие заеднички однесувања се соопштуваат во сите фази на кариерата на една личност во Рајдер – ние имаме нулта толеранција и ќе го разгледаме несуспехот за да ги исполниме нашите стандари и превземеме акција. Архитектонската заедница треба да се разбуди за штетата што им ја нанесува на своите луѓе, квалитетот на работата и угледот преку токсични однесувања.“
Дадените примери од учесниците во истражувањето укажуваат дека културните проблеми не се единстевно за архитектите и дека се раширени низ целиот сектор на изградената средина. Архитектите опишале недолични однесувања на градилиштата и на состаноците со инвеститорите, и тие исто така споделуваат одредени примери коишто почнуваат на универзитетите. Крајниот извештај за истрагата за Кулата Гренфел исто така ја има разбрано важноста за етичко однесување и на култура која подржува квалитетно носење на одлуки низ целиот сектор на изградената средина.
Во одговор на резултатите од истражувањето, Советот за регистрација на архитекти ќе воведе построги професионални стандарди за архитектите преку новиот Кодекс за однесување и пракса, со додатни препораки за лидерство и вклучување,ќе обезбеди алатки за да ги поддржи во искажувањето на загриженост и предизвикување на неетичкото однесување, како и да соработува со лидерите во другите сектори за да промовира промени во однесувањето и работата. Дополнително, Советот за регистрација на архитекти ќе се обрати од сите образовни институции со програми акредитирани од советот за да ги изветси за истражувањето, како и за новото правило за недолично сексуално однесување воведено од Канцеларијата за студентите, телото за регулација на образованието во Англија.
Крајниот извештај за истрагата за Кулата Гренфел, ова и други истражувања во доменот на изградената средина, укажуваат на низа наталожени проблеми коишто со години тлеат во секторот, со или без обиди истите подалекусежно и потрајно да бидат конфронтирани и разрешени. И покрај обидите за укажување и разрешување на проблемите кои произлегуваат од овие истражувања, повеќе од сигурно е дека истите нема да бидат надминати преку ноќ и веројатно ќе поминат години или децении пред состојбите забележително да се променат.
Така, според извештајот за 2024 година на Светскиот економски форум, глобалниот родов јаз за сите 146 земји вклучени во ова истражување изнесува 68,5%, а што значи дека во последните 18 години, родовиот јаз е подобрен за само 0,1%. Доколку ова ниво на подобрување продолжи и во идните години се смета дека ќе бидат потребни околу уште 134 години, или приближно пет генерации, за да се постигне целосен паритет во услови кога Целите на одржливиот развој очекуваат ова да се постигне за само околу пет години до 2030-та година.
Веројатно, барем е некаква утеха за студентите и вработените во архитектурата и секторот на изградената средина во Велика Британија, дека таму се спроведени одредени истражувања со кои се идентифирани постојните состојби и проблеми, што не изгледа дека е случај и кај нас. Се разбира, ако не се знаат проблемите, тешко е да се очекува дека нешто ќе се направи да се надминат истите.