Архитектонското биро OODA го потпишува проектот на станбено – деловни кули од 55.000 квадратни метри наречен Bond Tower. Како што објаснуваат архитектите, кривината на структурата е инспирирана од силуетата на свитканите колена на балетските уметници во положбата plié.
„Проектот се карактеризира со два поврзани волумена со различни висини кои се спојуваат во пложбата plié, создавајќи силуета која алудира на грациозноста на балетот. Меѓусебната игра на овие форми избегнува создавањето на масивен урбан волумен, давајќи им на зградите елегантно и впечатливо присуство во просторот“, велат архитектите.
Повисоката кула од педесет ката ќе има благо свиткан сегмент во долниот дел од својата кубична форма. Пониската кула пак, ќе се наведне подалеку од својот пар со подраматичен агол, а потоа ќе се наведне назад кон неа, за на крајот да се издигнат заедно.
Фасадите се проектирани да личат на традиционални албански теписи. Балкони и огради во форма на цик-цак, се провлекуваат помеѓу вертикалните елементи, правејќи го фасадното платно атрактивно за окото.
„Токму како што танчерот внесува прецизност во секое движење, така и оваа зграда внимателно навлегува во историјата и културата на градот“, велат од OODA. Додаваат дека нивниот пристап пружа физичка претстава на еволуирачкиот идентитет на Тирана, носејќи ги влијанијата на историското наследство во современата архитектонска практика.
Градација на вегетацијата
Планирано е да се засадат дрвја и растенија кои ќе ја красат Bond Tower, додека на кровот на пониската кула ќе биде сместен базен. Јавен зелен простор ќе го опкружува партерот на објектот, со насади кои се избрани за на најдобар начин да го рефлектираат разновидниот пејзаж на албанските планини.
„Планот за вегетација ја имитира природната градација што се наоѓа во околните планини, а на повисоките нивоа се растенија кои ја рефлектираат флората на повисоките надморски височини, додека разновидните насади на пониските нивоа ја имитираат вегетацијата на планинските долини, пружајќи разновидно и збогатено искуство со интересна разновидност на текстури и мириси.“ – заклучуваат од бирото.