Компанијата за градежни работи и управување со недвижнини „Emaar“ од Дубаи, планира во овој емират да изгради нова кула којашто со височината ќе ја надмине Бурџ Калифа, во моментов највисоката зграда на светот, изјави претседателот на компанијата Мохамед Алабар.
Алабар изјави дека новата зграда, чиешто градење ќе чини околу милијарда американски долари, ќе биде малку повисока од кулата Бурџ Калифа, односно од 828 метри.
Тој додаде дека прецизна информација за височината на новиот облакодер ќе даде при крајот на работите, и истакна дека кулата ќе претставува своевиден подарок од компанијата на Дубаи пред 2020 година, кога ќе се одржи Светската изложба Експо.
Новата зграда, која ја осмислил шпанско-швајцарскиот архитект Сантијаго Калатрава, ќе има видиковец, а во неа ќе се наоѓаат станови, ресторани и хотели, рече Алабар. Изгледот на кулата го опиша како „елегантен“, велејќи дека со својата структура ќе потсетува на минаре.
Во трката за изградба на најголемата зграда на светот и е компанијата „Kingdom Holding“ на саудискиот принц и милијардер Ал Валид бен Талал, кој работи на изградба на облакодер во Џеда, кој исто така, треба да биде завршен до 2020 година.
Почетокот на работите на зданието наречено „Кулата на кралството“ беа најавени уште во април 2014 година. Овој облакодер во Џеда би требало да биде висок илјада метри, а градењето би требало да чини најмалку 1,23 до две милијарди американски долари. Според најавите, во неговото градење ќе бидат потрошени милион кубни метри бетон и околу 80 илјади тони челик.
Кога ќе биде завршена, зградата ќе има вкупна површина од повеќе од 500 илјади квадратни метри и 200 ката. Ќе има и 59 лифтови, од кои пет ќе бидат двојни. Оние лифтови коишто ќе бидат наменети за посетителите што ќе сакаат да „фрлат” поглед од видиковецот, ќе се движат со брзина од 10 метри во секунда.
„Кулата на кралството“ ќе биде всушност централниот дел од Кралскиот град кој би требало да чини околу 15 милијарди евра, непосредно северно од Џеда во насока кон Црвеното Море.
Новата населба/град ќе опфаќа површина од неколку милиони квадратни метри урбан простор, вклучително станбени и комерцијални недвижности, хотели, канцеларии, продавници, образовни и трговски центар, во што ќе учествува и компанијата „Jeddah Economic Company”.