Шпанскиот архитект Сантијаго Калатрава победи на натпреварот за новата кула за набљудување во Дубаи.
Од идниот проект се очекува да стане нов симбол на Дубаи, и тоа нема да биде проблем кога се ангажира Калатрава, кој е познат по своите екстравагантни објекти. Иако висината на оваа кула сè уште не е прецизно дефинирана, се претпоставува дека ќе биде опасна конкуренција на познатиот објект „Бурџ Калифа“, чија висина изнесува 828 метри.
Дизајнот на овој објект на Калатрава е инспириран од фузијата меѓу традиционалната исламска и современата архитектура, пишува ArchDaily.
„Дубаи е место каде иновативната и револуционерна архитектура креира неверојатни чекори. Во нашето предлог-решение, ние ја обединивме традиционалната и архитектурата на 21 век“, изјави Сантијаго Калатрава.
Рендерите претставуваат објект од иглеста форма со опсерваторија поставена речиси на самиот врв.
Новата кула како и Dubai Creek Harbour се развиваат под покровителство на Dubai Creek Harbour and Emaar Properties, истата компанија која ја градела „Бурџ Калифа“.