Двајца швајцарски бизнисмени, Даниел и Маркус, во 1993 година започнале необичен и уникатен бизнис, производство на чанти и сите додатоци за нив, од материјал добиен со рециклирање на стари церади од камиони, внатрешни гуми од велосипеди, воздушни перничиња и безбедносни ремени.
Чантите и другите додатоци за нив се изработуваат рачно, во сите големини и сите бои. Секое парче е уникатно, за што се грижат неколкуте дизајнери. Идејата за нивниот бизнис ја добиле во времето кога живееле во областа Цирих Запад, близу до мостот Хардбрук. Нивната фабрика се наоѓа токму во таа област и има 60 вработени.
Во 2006 година Даниел и Маркус решиле да ги продаваат своите уникатни производи во продавница изградена од контејнери. Изборот на локацијата и дизајнот на објектот е во согласност со филозофијата на брендот Фрајтаг. Првиот живот на чантите бил на патиштата, а првиот живот на контејнерите бил исто така на патиштата или на железницата. Бизнисмените ги овластиле циришките архитекти Анете Спилман и Харолд Ешле да го изработат проектот за нивната необична и уникатна продавница „Кула Фрајтаг“.
Потребно било доста време архитектите да ги убедат градските власти дека дизајнот на продавницата е добар, дека објектот ќе биде стабилен и безбеден, а необичниот дизајн нема да ги навреди жителите од околината и локалната заедница.
Кулата Фрајтаг е изградена од 19 контејнери и висока е 26 метри. Ова е мини облакодер или како што често го нарекуваат „бонсаи облакодер“. Контејнерите употребени за градење на кулата се стари и ’рѓосани.
Со многу труд, време и знаење, контејнерите се исчистени, зајакнати, заштитени од понатамошно ’рѓосување и пропаѓање, и кренати за да се формира кулата. Таа има четири ката продажен простор на кој се поставени 1.400 различни производи од брендот Фрајтаг. На најгорниот кат или рамниот кров е видиковецот од каде може да се види целата област Цирих-Запад.
Комуникацијата меѓу катовите е со еднокраки метални скали околу кои на четирите ката е организиран продажниот простор. Чантите се изложени на полици и на ѕидовите, според правилата на брендот Фрајтаг. Ентериерот е едноставен, но и необичен. Тој не конкурира на производите што се продаваат.
Најважно во целиот ентериер е изложувањето на уникатните производи, и секој иден купувач може убаво да ги разгледа и проба. Архитектите обрнале внимание на осветлувањето на објектот, и внатрешно и надворешно.
Пред две-три години производството на брендот Фрајтаг е збогатено со производство на фармерки и маици произведени од рециклиран текстил, и тие се изложени на еден кат од продавницата. Брендот Фрајтаг има и други продавници за своите производи во Швајцарија и во неколку земји низ светот, но дизајнот на „Кулата Фрајтаг“ е уникатен и единствен. Продавницата претставува икона на реурбанизираната област Цирх Запад или поранешната Индустриска област на градот Цирих. Можеби необично но реално. Кулата Фрајтаг функционира без проблеми веќе неколку години.
Натка Ќосева дипл.инж.арх.