Во рамките на проектот развиван од страна на Ennead Architects, прикажана е нова технологија која се однесува на секторот сообраќај. Се работи за кули за полнење на електрични автомобили кои им нудат на возачите можност за брзо полнење или за подолго време во зависност од нивната желба. „Со цел да го зголемиме бројот на автомобили кои истовремено може да бидат опслужени, ги искомбиниравме постоечките технологии за полнење со паркинг технологиите и создадовме кула за полнење“, велат архитектите од оваа компанија.
Местата за полнење на ниво на приземјето ќе бидат резервирани за брзо полнење од 25 минути. Возачите што ќе ја изберат опцијата за подолго полнење, своето возило ќе го видат подигнато на една од платформите за полнење, кои ги има на неколку нивоа. Времетраењето на услугата во овој случај е до пет часа.
Овој концепт е всушност продолжение на идејата претставена на „Geneva Motor Show“ во 2016 година, од страна на Foster + Partners и Nissan. Нивниот проект се однесуваше на „паметни улици“, односно полнење на електричните автомобили со помош на безжичната технологија на индукција.