Некој наликува на конус, некој на кактус, оваа необична кула со балкони распоредени во сите правци е изградена во францускиот град Монпелје, а јапонскиот архитект Соу Фуџимото е одговорен за нејзиниот атрактивен изглед.
Уникатната кула се вика Бело дрво (L’Arbre Blanc), има 17 ката, а изгледот е создаден врз основа на идејата на нејзиниот творец дека архитектурата треба да ги рефлектира формите што ги наоѓаме во природата.
Закривената форма на зградата наликува на трупец, додека балконите за 120 станови се дизајнирани како лисја што се вртат кон сончевата светлина.
Многу од техничките иновации на зградата на L’Arbre Blanc се однесуваат директно на терасите, кои се издигаат до 7,5 метри од фасадата на зградата.
Балконите се распоредени неправилно на целата површина на зградата, така што секој е малку поместен во однос на вообичаениот вертикален ред.
Исто така, нивната површина варира – во однос на површината на станот, големината на балконот се движи меѓу седум и 35 квадратни метри. Особено импресивни се најголемите, чија површина одговара на големината на мал стан.
Големите балкони ги охрабруваат станарите да поминуваат време надвор и им дозволуваат да го користат надворешниот простор на досега невозможен начин. Некои од терасите се поврзани со скали, така што сопствениците на дуплекс апартмани сега можат да се движат од еден на друг балкон без да влезат внатре.
Оформувајќи заштитен превез околу зградата, терасите исто така обезбедуваат штит од прекумерно сонце, што е особено важно за Монпелје, каде 80 отсто од денот е сончево.
Интересно решение е и тоа што централните простории наменети за дневната соба се отворени кон балконите, па „Белото дрво“ е идеален избор за оние кои уживаат во добар поглед.
Кулата содржи и уметничка галерија, ресторан, панорамски бар и канцеларии, а зад зградата има парк покрај реката Лез.