Фирмата Zaha Hadid Architects победи на конкурс за вертикален град во заливот Шенжен, кој се состои од две поврзани кули со аморфна форма.
Познатата ирачка архитектка Заха Хадид почина пред пет години, но, сепак нејзиното архитектонско биро продолжи смело да гази по нејзините стапки… и препознатливите кривини.
Предложеното решение на новата кула во Шенжен наречена Tower C, висока 400 метри, со својата просторна организација и форма одговара на градскиот дел на зелената оска во правец север-југ и градската уличка во правец исток-запад. Архитектурата на зградата е поврзана со соседниот парк и плоштадите, така што таа постепено се трансформира во терасиран пејзаж во основната зона, кој нежно се врти во просторот меѓу двете кули.
Ова проширување ги поканува посетителите во центарот на зградата, во која се сместени културни и забавни програми. Покрај основата на зградата, кулите се поврзани на поголема надморска височина преку пешачки мостови кои ќе овозможат панорамски поглед на градот, пренесува ArchDaily.
Архитектите сакале да го обединат урбаниот пејзаж на околината, така што зградата е директно поврзана преку скалесто плато со соседниот парк, но и со метро мрежата Шенжен, и како резултат, се добило уникатен јавен простор. Бидејќи приоритет на архитектите биле пешаците, на локацијата се планирани значителен број паркинг места за велосипеди и електрични возила.
Благодарение на иновативната алатка за 3Д моделирање, развиена од ZHA, добиена е оптимална архитектонска конструкција висока скоро 400 метри, завиткана во двојно изолирани стаклени завеси.
Преку координирани паметни системи, објектот постојано ќе се следи, ќе се следат и внатрешните и надворешните услови, со цел да се зголеми неговата ефикасност и удобност на своите корисници и да се намали потрошувачката на енергија што е можно повеќе со текот на времето.
Проектот, исто така, ќе вклучува системи за собирање вода и системи за рециклирање и фотоволтаични панели. Исто така, во објектот ќе бидат инсталирани ниско-испарливи органски материјали, со цел да се минимизира загадувањето на животната средина и внатрешноста.
Се претпоставува дека планираниот објект ќе биде важен економски центар на овој кинески град, како и дека ќе биде важен за Гуангдонг, Хонг Конг и Макао. Објектот се очекува да функционира како глобален деловен центар каде 300 илјади вработени ќе престојуваат и работат на дневна основа. Покрај деловните простории, Tower C ќе содржи и простори наменети за одржување меѓународни конференции, изложби и културни програми, како и станбени зони и простори наменети за ботаника.
ubav pezjaz