Виетнамското архитектонско биро Vo Trong Nghia Architects, кое е познато по проектирањето на многу интересни еколошки објекти, неодамна со еден свој проект го подигна дизајнот на зелени покриви на повисоко ниво.
Недостатокот на зелени површини во густо населениот дел на Хо Ши Мин било доволна инспирација за архитектите да посадат дрвја (еден вид смоква) на покривите од пет бетонски објекти. Овие пет објекти всушност претставуваат една куќа со поделени простории за тричлено семејство. На покривите се собираат атмосферските води, а земјата на нив е длабока повеќе од 1,5 метри.
За да ја издржат големата тежина на земјиштето, дрвјата и водата, изградени се структурни носечки ѕидови кои ја чуваат стабилноста на објектот. Оваа куќа се нарекува House for Trees (Куќа за дрвја). Таа е победник на овогодишниот натпревар за најдобар дизајн на објекти на AR House. За изградбата се потрошени 156.000 американски долари.