Куќите Ла Лоика и Ла Тагуа се изградени во Матанзас, Чиле, крајбрежен регион на околу 2,5 часа возење од Сантијаго. Имињата на објектите се омаж на два вида птици кои потекнуваат од овој регион, а самите куќи не само што изгледаат како птичји гнезда, туку ја користат и нивната логика за да се засолнат од силните ветрови.
Архитектите на студиото Croxatto y Opazo Arquitectos, кои го потпишуваат проектот, одлучиле да ги постават објектите на дрвени платформи на карпеста и стрмна локација, со цел да се минимизира нивното еколошко влијание врз животната средина.
Со површина од само 20 или 25 квадратни метри, овие колиби се доволно големи за да можат да примат две лица, пишува Inhabitat.
Поради брановите и ветровите, оваа област е позната по сурфање на ветер. Имајќи го предвид влијанието на ветрот, архитектите обрнале внимание на обликот на објектот, но и ја поставиле главната влезна врата на таков начин што се отвора широко кон северните тераси, и како резултат на тоа објектот се штити од силни ветрови кои доаѓаат од југозапад – баш како и гнездата на птиците.
Двата објекта имаат спални соби лоцирани на повисоко ниво, до кои може да се стигне преку скала, и од кои има прекрасен поглед кон океанот.
На приземјето има дневна соба со трпезарија и кујна, како и бања, а со цел да се оптимизира просторот што е можно повеќе, мебелот е вграден и изработен по мерка и е прилагоден на мали простори.
Во внатрешноста се нанесувале борови плочи обложени со заштитно масло, со цел да се заштитат од ефектите на морската корозија. Фасадата користи дрвени облоги изработени од рециклирани прагови од даб.