Насловна / Архитектура / Куќата „Приземје“: Дом на работ на Скопје

Куќата „Приземје“: Дом на работ на Скопје

Куќата наречена „Приземје“ е сместена на голема зелена парцела во скопската населба Радишани. Веднаш на падините на Скопска Црна Гора, на север од Скопје. Се наоѓа на крајот на населбата, на половина пат меѓу урбаното живеење и живот во природа.

ku1

Младиот инвеститор, дојде во нашето проектантско биро „Студио Р“ со желба да го отпочне својот нов семеен живот токму на падините. Место кое е блиску до градот, но доволно оддалечено од градскиот метеж, во природа, а Скопје е секогаш на дофат и на раката, и на погледот.

ku

Куќата е внимателно позиционирана на локацијата, поставена токму на местото од каде се пружа најширокиот поглед на градот,  Скопје како да ви лежи под нозете. Оваа позиција, овозможува преглед на целото опкружување, на доволана оддалеченост од околните објекти, а сепак не премногу одвоеноа од соседите. Додека се седи на пространата тераса која претставува простор за живот и дружење на сопственикот со многубројните весели пријатели, градот е распослан пред вас, врамен со препознатливата контура на Водно. Понекогаш, а особено во последно време, Скопје повеќе се сака оддалеку.

image00141

Пристапувајќи по патот веднаш зад кривината се забелуваат едноставните кубуси помеѓу благите брда и „тоскански“ разиграниот терен.

Програмски куќата е приземна, со површина од 300 квадратни метри, организирана на едно ниво. Објектот е блиску до теренот, веднаш над дивата зелена трева.

_DSC2101А

Волумените се проектирани на начин да ја заштитат приватноста на куќата без да ја направат формално нетранспарентна, туку да ја насочат кон главниот поглед. Најтранспарентниот дел од објектот е оној каде градот е на дланка. Останатите делови на објектот се распоредени во правилна геометрија, со отвори поставени во зависност од содржината на собите и распоредот на опремата, и потребата од дискретно или директно природно осветлување. Белите призми со наместа сиво нагласени елементи се раздвојуваат онолку колку е потребно да се нагласат, без сензација или спектакл.

ku2

Објектот е сочинет од правоаголни волумени со пропорционално поставени отвори, кои на моменти ги разбиваат кубусите. Првостепената пластика произлезена од функцијата, постигната е со игра на повлекување и со мали разлики на висината на волумените. Додека второстепената пластика е постигната со отворите со различни димензии и длабочина, како и со примена на двете бои. Архитектонското обликување е едноставно, минималистичко, мошне прецизно и јасно, а произлегува од функцијата и од содржините на просторот.

Без функција нема објект, таа нам архитектите ни беше важна исто како и на инвеститорот. Куќата е впечатлива, но не и претенциозна, а сепак препознатлива. Делува смирено и спокојно со својот современ израз. Фасадите се формирани со едноставни форми, доминира белина и антрацит фасадна браварија и понекoј врамен прозорец. Влезот е назначен со бетонска настрешница, но не е пренагласен.

image00010

image00009

Просторот е организиран соодветно на намената. Влезниот хол е благо одвоен со лесна, ентериорно решена преграда. Од него се пристапува до тоалетот за гости и до кино-собата наменета за дружење со пријателите додека се гледа добар филм, игра PlayStation или гласно навива за омилениот  фудбалски тим. Тука е и вратата која води до скалите по кои се стигнува до подрумскиот дел наменет за складирање и технички простории. Од ходникот независно се пристапува и до пространата кујна.

image00003 image00001

Понатаму се влегува во голем дневен престој со трпезарија и кујна со директен пристап на терасата. Сите содржини во овој простор имаат рамноправен третман и се јавниот дел на домот. Следува спалниот, интимниот дел, каде е сместена родителската спална соба со сопствена бања и гардеробер, од која исто така се пристапува на терасата. Тука се и двете детски соби, сместени во задниот, помирниот дел од локацијата и бања наменета за децата во која се влегува преку гардеробер.

image00016 image00011

Куќата претставува одлично место за живеење, за кое слободно може да се каже дека е комбинација на живот во градска куќа и вила. Поточно, домот ги има сите придобивки на градско живеење, современ е, градски, блиску е до центарот на градот, а од друга страна се наоѓа на место во природа, онаа вистинска, помалку дива, во мир и тишина.

image00023

Куќата спокојно лежи на благо закосениот терен, со белината се истакнува на зеленилото, а пејзажот наспроти белината делува уште позелен, поврзувајќи ги границите помеѓу изградената и природната средина. Ретки се објекти во кои истовремено се живее и во град и во природа.

image00005

Проектот зборува за врска помеѓу надвор и внатре, за апсорпција на односите на природата и погледите. Со цел да се создаде рамнотежа со местото, преку применување на современи форми и материјал се создаваат нови односи со околниот предел. На стаклениот дел од фасадата се рефлектираат небото, облаците, зеленилото и Скопје.

ku3

image00018 image00007 kup kup1

ku4

 

Испрати коментар

Scroll To Top