Истурени бетонски волумени овозможуваат сенка со отвори и тераси во оваа монолитна бетонска куќа во Ахмедабад, Индија, проектирана од локалното биро The Grid Architects.
Grid Architects ја создале куќата Beton Brut за претприемач чие семејство ужива во креативни дејности. Клиентот сакал дом кој ќе обезбеди простори за семејни собири и за индивидуални активности.
Сместена на локација свртена кон југозапад, формата на куќата е поттикната од потребата да се заштитат внатрешните простори од суровата топлина и сончева светлина во регионот.
Бирото ја користело сликата на Индијка која ја штити главата и лицето од сонцето со вел на традиционалното сари, како референца при креирањето на превитканите форми на објектот.
Наместо проектирање правоаголна кутија, структурата е поделена на распоредени нивоа со некои делови отстранети за да се создадат низа конзоли кои вкупната естетика ја прават полесна.
Изборот на бетонот како главен градежен материјал исто така влијаел и на обликот и стилот на куќата, што потсетува на бруталистички градби од втората половина на 20 век.
„Со одлуката за создавање чиста структура која ја почитува искреноста на материјалноста, архитектонскиот пат е определен како бруталистички“, велат архитектите за Dezeen, „типизиран со натур бетон, геометриски форми, монохроматска палета и монолитен изглед“.
За да се ублажат тешките бетонски површини кои се оставени изложени внатре и надвор, ентериерите содржат традиционални индиски декоративни елементи со мнштво тапациран мебел и меки ткаенини.
„Инкорпорирањет на „брутално“ во идеалите за социјално домување и традиционалните индиски типологии резултира со, како што ние го нарекуваме, ‘нео-брутализам’“, додаваат од Grid Architects. „Еве зошто Beton Brut – суров бетон на француски – може да изгледа силно и упорно, поседува меко, емотивно срце“.
Влезот во објектот е заклонет под еден од конзолните кровови. Вратата висока три метри води во премин кој кулминира со отвор кој гледа на задната тераса каде што на бетонски ѕид е закачено патинирано уметничко дело.
Главните станбени простори се позиционирани десно од ходникот и се распоредени околу централен уреден двор.
Дневната соба и трпезаријата сместени се од двете страни на градината. Главната спална соба е сместена подлабоко во куќата и исто така гледа кон градината.
Помошните простории, кујни и оставата, чајната кујна, се наоѓаат во аголот на куќата, додека останатите спални соби со сопствени бањи се на горните катови.
Артефактите, мебелот и уметничките дела распоредени низ домот го омекнуваат изгледот и внесуваат особеност во просторот.