Насловна / Архитектура / Куќа во Скопје која е впечатлива, но не и претенциозна

Куќа во Скопје која е впечатлива, но не и претенциозна

Во скопската населба Тафталиџе 1 изграден е луксузен семеен дом по проект кој го работев заедно со мојот татко, архитект Миодраг Димовиќ со кој бев дел од тимот на архитектонското биро „Конструкта“. Со едноставни и прочистени архитектонски потези, со површина од 600 квадратни метри и катност: сутерен, приземје и кат, се обидовме да проектираме семејна куќа која ќе дава личен печат на околината.

278_resize

Оваа куќа е пример за добра пракса која на едно место ги собира сите квалитети на семеен дом во градската населба.

За проектантите, но и за инвеститорот многу е важно да успеат да остварат одлична соработка и да создадат посебна енергија, само така се доаѓа до добар краен резултат. Ние ја имавме таа среќа тоа да се случи.

275_resize

254_resize

МЕСТО ЗА УЖИВАЊЕ И РЕЛАКСАЦИЈА

Врз основа на барањата на инвеститорот, приземјето е проектирано на две нивоа каде се предвидени содржините. На првото ниво се сместени влезен хол со засебен простор за гардеробирање, дневен простор со трпезарија и одвоена станбена кујна со пристап во дворот преку тераси и од дневниот простор и од кујната. Терасата на дневната соба е сместена во повлечениот дел од куќата, еден вид трем, а целосно е покриена со архитектурата на горното ниво. Дворот на куќата не е голем, па така терасата се претопува со зеленилото како составен дел на градината и претставува премин меѓу внатре и надвор. Слична тераса, поставена во задниот дел на локацијата, но со помала површина е предвидена и од кујната.

256_resize

263_resize

На второто, повисокото ниво на приземјето се предвидени дегажман со гостински тоалет, гостинска соба со сопствена бања и работна соба. Во влезниот хол поставени се лифт и скали преку кои се пристапува кон останатите нивоа, кон сутеренот и катот.

113_resize

Првиот кат е интимниот дел на објектот каде се сместени четири спални соби, сите со своја бања и гардеробер, а во детските соби предвидени се и мали дневни простори со работен дел, каде младите членови на семејството ќе можат независно да ги пречекуваат своите пријатели. Овие т.н. „детски дневни соби“ одвоени се со лесна визуелна преграда од спалниот дел. На катот преку централната галерија се пристапува и до помошните простории, утилити со лоѓија и мала заедничка мини-кујна.

239_resize

Во сутеренот, изолиран со стаклена врата и природно проветрен и осветлен со прозорци со висок парапет, се наоѓа затворен базен со сауна, туш кабина и мини кујна. Базенот е смирен простор, изолиран од надворешни влијанија и претставува вистинско место за уживање и релаксација, Во останатиот дел од сутеренскиот простор се сместени простор за складирање и за машински инсталации.

139_resize

АРХИТЕКТОНСКОТО ОБЛИКУВАЊЕ Е ПРЕЦИЗНО И ЈАСНО

Во визуелна смисла на куќата доминираат правоаголни волумени со пропорционално поставени отвори, кои на моменти ги разбиваат кубусите. Првостепената пластика произлезена од функцијата, постигната е со игра на повлекување, отсекување и еркерно испуштање на волумените. Додека второстепената пластика е постигната со отворите со различни димензии и длабочина, како и со примена на боите. Архитектонското обликување е едноставно, минималистичко, мошне прецизно и јасно, а секако како и кај секој добар проект произлегува од функцијата и од содржините на просторот.

271_resize

Без функција нема дом, па така таа овде им е подеднакво важна и на проектантите и на инвеститорот. Куќата е впечатлива, но не и претенциозна, без тенденција да создава спектакл, а сепак препознатлива. Делува смирено и спокојно со својот современ израз. Фасадите се формирани со едноставни форми, бела и антрацит фасадна обработка и детали во маслосано костен дрво.

015_resize

Целиот објект е изведен по стандардите за енергетска ефикасност со примена на системите за надворешна и внатрешна обработка, подно греење и плафонско ладење со соодветни системи. На овој начин е овозможена константна, пријатна температура во просторот.

023_resize

ВНИМАТЕЛНО УРЕДЕНИ ЕНТЕРИЕРИ

Внатрешното уредување е до детал проектирано и изработено по нарачка и ја надополнува формата и естетиката на овој семеен дом. Во дневниот простор материјалите се софистицирани, доминира фурнир, масив во топли нијанси кои даваат пријатно чувство и удобност надополнети со брендирани парчиња мебел на Walter Knoll со печат на модерната архитектура од 50-тите години на минатиот век.

018_resize

Високите плафони и стаклените лизгачки врати, кои ги одвојуваат содржините, а истовремено овозможуваат и транспарентност, како и големите стаклени површини кон дворот, даваат просторност, многу природна светлина и поврзаност со надворешноста. Границата меѓу внатре и надвор е минимална. Осветлувањето е архитектонско, ненаметливо, со нагласени позиции на уметничките дела на нашите великани, сликарите Петар Мазев и Димитар Манев, како и сликарката Жани Гелевска.

089_resize

Спалните соби се со внимателно уредени ентериери, на секој поединечно е обрнато внимание во зависност од стилот на живеење, потребите и возраста на корисниците, почнувајќи од содржината до боите и применетите материјали. Повторно доминираат фурнир и масив, детали во совршено изработен метал и ѕидови во боја.

141_resize

179_resize

Просторот во сутерен е место за релаксација, целиот простор е во грес порцелан плочки во антрацит боја и детали во дрво. Осветлувањето е дискретно и со можност за менување бои и хромотерапија, со што се создава пријатна и единствена атмосфера во која семејството ужива по напорниот ден.

235_resize

Во внатрешното уредување се применети софистицирани и современи материјали, така во обработката на подовите и на ѕидовите се користени големи грес порцелан плочи со димензии 120/120 и 120/240, кои даваат уникатен изглед, трајност и се лесни за одржување. Боите за внатрешна обработка на ѕидовите се еколошки, трајни, а подовите се топли од природно орев дрво обработено со масло.

183_resize

Почнувајќи од едноставниот облик на куќата, преку неколку архитектонски „интервенции“, куќата добива форма која се проникнува со околината со својата геометрија. Овој семеен дом изграден во градска населба, покрај самата улица, не ѝ се крие на околината, истовремено е и отворен и затворен, токму онолку колку што е неопходно. Куќата создава сценографија за секојдневниот живот и рамнотежа помеѓу корисникот и околината.

Автор: Ирена ДИМОВИЌ-ДАНИЛОВСКА, дипл. инж. арх.

037_resize

001_resize

057_resize

100_resize

092_resize

121_resize

129_resize

201_resize

229_resize

197_resize

Испрати коментар

Scroll To Top