Норвешкиот истражувачки центар за нулта емисија на јаглерод диоксид на објекти (Norway’s Research Centre on Zero Emission Buildings), во соработка со архитектонската компанија „Snøhetta“, изгради пасивна куќа која произведува трипати повеќе енергија отколку што и е потребно.
Пасивната куќа се наоѓа во Ларвик во Норвешка. Покривот е поставен под агол од 19 степени, свртен е кон југоисток и има 150 метри квадратни со фотоволтаични панели. Освен тоа, вградени се и соларни колектори за подготовка на санитарна топла вода, а дождовницата се користи за полевање на градината. Се проценува дека фотоволтаиците можат да произведат 19.200 kWh електрична енергија годишно.
Прозорците се дизајнирани да пропуштаат што повеќе сончева светлина. Голем дел од оваа куќа е направен од рециклирано дрво, а располага и со доволно енергија за напојување на електричен автомобил. Куќата поседува и базен и сауна.