Бришејќи јасни граници меѓу екстериерите и ентериерите, архитектите на Vo Trong Nghia имаат дизајнирано и изградено оригинална семејна куќа во виетнамскиот град Хо Ши Мин, чии простории се исполнети со бројни видови растенија.
Првиот поглед на фасадата на куќата открива дека има неверојатен и необичен ентериер: гранки излегуваат од сите отвори додека ползавците се обвиткуваат околу балконите.
Архитектите го надминале вообичаеното уредување на простор за живеење со затворени растенија во саксии и вазни, и наместо тоа го интегрирале зеленилото во физичкиот простор на домот.
Ходниците, скалите и просториите се збогатени со природни прегради кои штитат од сонцето, го прочистуваат воздухот во куќата и внесуваат боја во просторот.
Наречена „Stepping Park House“, оваа куќа е последна од низата слични проекти кои го носат симболичкото име „Куќа на дрвјата“.
Проектот е дизајниран да го врати зеленилото во густо населените делови на најголемиот град во Виетнам и да ги потенцира еколошките проблеми како резултат на недостаток на зелени места во градот, како што се прегревање и загадување на воздухот.
Куќата е организирана околу еден голем атриум што дијагонално преминува на три ката од куќата. Неговите големи прозорци се покриени со метални шипки околу кои се испреплетуваат ползавците.
Последното ниво на куќата е тераса, која е исполнета со природна светлина и многу растенија, што создава уште посилна врска со околината на куќата, а особено со паркот во непосредна близина.
“Ретка е можноста да се има парцела во градот Хо Ши Мин која се наоѓа во непосредна близина на зелен јавен простор. Затоа, се фокусиравме на дизајнирање дом што би претставувало продолжување на нашето опкружување со интегрирање на зеленило од паркот во внатрешноста на домот. Ова обезбеди чувство на континуитет преку повеќе нивоа на домот и создаде околина што е слична на шумата, и покрај тоа што е внатре“, велат од VTN Architects.