Куќата, во чиј изглед доминира конзолна бетонска плоча, проектирана е да ги задоволи потребите на станарите, а во исто време да го извлече максимумот од природните услови што ги овозможува локацијата. Оптималниот баланс во функционирањето помеѓу секојдневниот живот и викенд релаксација со друштво е успешно постигнат.
Архитектурата која сензитивно ги чита потребите на корисниците, е пристап кој, докажано е дека дава добри резултати во проектирање на концептите за домување. Laguna House дело на бразилското биро TETRO Arquitetura, сместена е во општината Нова Лима, на 20. километри од Бело Хоризонте, Бразил. Проектирана е како одговор на постоечкиот контекст, со внимателно читање на просторот и потребите на луѓето кои ќе го населат.
Модерна куќа со конзолна плоча како заштита од сонце
Сместена во станбен комплекс, Laguna House има привилегиран поглед на езеро, околните планини и спектакуларни зајдисонца. Од друга страна, локацијата е предизвикувачка поради недостатокот на вегетација и нерамномерната сончева светлина. TETRO Arquitetura се справиле со овие елементи со голема тактичност, создавајќи дизајн кој не само што ги проширува погледите, туку и ја модулира сончевата изложеност.
Доминантното архитектонско решение, во конструкцијата и надворешното обликување, била изградбата на голема конзолна плоча која покрај визуелната привлечност служи и како штит за контрола на сончевото зрачење. Како резултат на тоа, внатрешните простори се облеани со мек сјај на природна светлина во доцните попладневни часови кога температурите се попријатни.
Баланс помеѓу секојдневните активности и викенд релаксација со друштво
Изградбата на практична и функционална куќа, со капацитет да биде домаќин на роднини и пријатели за време на викендите, било едно од главните барања на идните станари. Покрај тоа, се тежнеело и кон минимална употреба на скали.
За таа цел, архитектите сите главни функционални простори, вклучувајќи ја главната спална соба, дневните соби и трпезариите, кујната и пералната, ги поставиле на едно, горно ниво. Оваа стратегија резултирала со куќа која е практична и во склад со начинот на живот на нејзините станари.
Следејќи го падот на теренот, издолжените волумени на куќата поставени се каскадно формирајќи две повлечени нивоа. Поради нивна максимална функционална автономија, обезбедени се посебни пристапи за секој сегмент.
Во влезната зона, формиран е простор за зелена градина, над која е пресечена плоча и отворен поглед кон небото. Со дрвени линеарни елементи бочно поставени од двете страни, се создава чувство на поврзаност со природата, а во исто време ги ублажуваат ефектите од топлото време.
На долното ниво на куќата сместени се простори наменети за фреквентно користење за време на викендите. Тие вклучуваат три гостински спални соби, базен и простори за подготовка и уживање во храна. Ова ниво е идеално дополнување на горното, овозможувајќи баланс помеѓу секојдневниот живот и викенд дружењата.
Минималистичкото обликување, со прави потези, си поигрува со деталите како дрвена пергола вметната во бетонска рамка и лесни стаклени огради на масивните кубуси. Внимателно интегрираните детали, комбинирањето различни материјали, големите стаклени површини во контраст со белите бетонски ѕидови и намалената обликовност, го создале препознатливиот карактер на Laguna House и дизајнерскиот потпис на бразилското биро TETRO Arquitetura.