Уникатниот дизајн на оваа четирикатна семејна куќа го дефинираат изразените дрвени детали на кровната конструкција и, секако, светилникот што е истакнат како главен детаљ на предната фасада. Приватната резиденција е изградена на брег на езерото Finger во државата New York, САД, и овозможува директен излез на блискиот брег.
Еден од најинтересните детали за оваа куќа е тоа што сите конструктивни елементи употребени во неа се изработени од срцевина на бор, изработени на начин како што граделе старите Американци. Архитектонското решение е изработено од архитектонското биро New Energy Works Design Group од Farmington, NY, кои се познати по своите рустични, но софистицирани дизајни.
Освен супериорната конструктивна стабилност, дрвената конструкција овозможува многу флексибилност при проектирањето и придонесува во просторот со артистички израз слично на скулптура. Резиденцијата е проектирана врз основа на детски сон да се живее во светилник, а секако со посебен осврт на повеќегенерацискиот состав на семејството што ќе живее во неа.
Семеен дом кој нуди големи отворени простории, удобни катчиња, прекрасни погледи, лирични облини и карактер кој го добива од дрвото што е употребено во конструкцијата, а која е отворена и се гледа во целиот објект. Главната рамка на конструкцијата на куќата инкорпорира две паралелни свиени носечки греди на кои се потпира кровната конструкција. Свиените греди исто така се бичени и ламелирани во иста насока. Во конструкцијата на светилникот се употребени 42 дрвени елементи, додека во целата куќа има точно 371 конструктивен елемент.
Заоблениот светилник официјално е регистриран во Американсаката крајбрежна стража, а е инспириран од прадедото на сегашниот сопственик за кого легендата вели дека е првиот морепловец кој го обиколил светот сам во чамец. Од тогаш земјиштето е во наследство на неколку генерации и фактот што лежи на брегот на езерото, логично е да содржи и светилник. Четирикатниот светилник е изработен од дрвена конструкција, во која се употребени и свиени конструктивни елементи. Свиените елементи се изработени од едно парче дрво кое е бичено на потенки елементи и подоцна свиени и сушени во сушара.
Ориентацијата на сечените елементи е внимателно запазена за кога ќе се слепат повторно, дрвените влакна да бидат во иста насока како пред бичењето. Заради конусоидната форма на светилникот, употребувани се комплексни решенија на конструктивните врски по целата висина. Во процесот на проектирање на светилникот, разгледувани се многу класични стилови на цилиндрични и конусни светилници. Сепак, конусната форма е избрана заради својата визуелна грациозност. Оваа форма, исто така го дополнува лиричниот дизајн на целата куќа и создава динамични волумени.
Фасадата е решена со низок камен ѕид во долниот дел од куќата, а во горниот дел е поставена дрвена фасада од кедер. За ентериерот се користени повеќе дрвни видови, брест за подот во кујната, црн орев за кујната, костен за мебелот во делот од куќата за рекреација и забава, и бор за елементите во бањата.
Четирите нивоа на куќата овозможуваат интересни можности за комуникација меѓу просториите. Кружната основа на приземјето претставува соба за релаксација која е лесно достапна од спалната и од дневната соба. На второто ниво се наоѓаат работни простории декорирани во морнарски стил. Следното ниво е отворен дел за дружење на семејството со пријателите и разни посетители. До највисокото ниво се пристапува со дрвена скала и оттаму се овозможуваат прекрасни погледи кон езерото и околната природа. Секоја соба во светилникот е округла и во неа е изработен специјален мебел за да може да се вклопи во кружните ѕидови.