Се повеќе семејства и луѓе сакаат да се преселат од градската врева во мирна и питома средина – што е можно поблиску до природата. Некои се селат трајно, а некои привремено – во своите викендички. Ненадејниот пресврт во изборите за домување особено зема замав за време на пандемијата и заклучувањето. Потребата од сопствен двор, природа и чист воздух одеднаш доби големо значење.
Оваа куќа на Фрушка гора е истакнат пример за добра пракса која на едно место ги собира сите квалитети на семеен дом на самиот раб каде градската населба целосно се развива.
„Еден од главните проектантски предизвици беше да се поврзе куќата со околината и да се отвори погледот кон природата, што резултираше со искршена форма на куќата“, наведуваат проектантите од Modelart Architects. Теоретската основа и примената на БИМ методите за проектирање ја направиле оваа куќа посебна и значајна.
Желбата на клиените била да се проектира и изгради семеен дом на парцела со неправилна форма. Се работи за семејство кое решило да се пресели од градот во предградие. Одлуката паднала на Фрушка гора, како природен резерват во непосредна близина на Нови Сад. Клиентите сакале куќата, дворот и пејзажот да се поврзат во една хармонична и неразделна целина.
„Природната средина одигра важна улога во обликувањето на куќата, што резултираше со динамична форма, со карактеристични фасади кои овозможуваат поглед на околината“ – истакнуваат архитектите.
Бидејќи клиентите одлучиле да ја изградат куќата од темел, тоа им дало одврзани раце на архитектите да ја осмислат куќата за целосно да ја искористат неправилната парцела.
„Постоечкиот платан беше многу силен репер во позиционирањето на објектот. Целта беше да се задржи дрвото и да се обезбеди природна сенка, создавајќи место за собирање на семејството и пријателите“, велат проектантите.
Дијалог со опкружувањето
Клиентите сакале да ја зачуваат приватноста, а притоа да се „отворат“ кон природното опкружување. Поради тоа, куќата е повлечена во однос на улицата и се наоѓа во централниот дел на парцелата.
Клучната водечка идеја при проектирањето била дијалогот со природната средина. Почнувајќи од едноставниот облик на архетипската куќа, преку неколку архитектонски „интервенции“, куќата добива отворена форма која се проникнува со околината низ отворените фасади. Овие фасади, ориентирани на различни страни, формираат преоден простор помеѓу внатре и надвор, создавајќи сценографија за секојдневниот живот и рамнотежа помеѓу корисникот и околината.
Седум квалитетни на куќи
Препознатливоста на куќата не е случајност, туку резултат на внимателно разгледување и примена на теоријата во пракса. Појдовна точка во проектот и развојот на куќата била книгата „Архитектура на домот“, чиј автор е Ола Ниландар. Авторот наведува седум квалитети и просторни атрибути кои ја прават куќата дом. Тоа се: насоки, оградување, организација, движење, обликување, сонце, материјализација и детали. Куќата е конципирана со овие принципи на ум.
Насоките ја одредуваат „уредноста“ и „насоченоста“ на просторот. Просторната организација на куќата, како и нејзината положба на парцелата, произлегле од потребата да се отворат погледи кон Фрушка гора. Овие погледи ги одредуваат главните линии што се пренесуваат на функционалниот распоред и архитектонското обликување на куќата. На главните насоки, поставени се фокусните точки на ориентацијата.
Оградувањето се однесува на степенување на приватност на просторот на куќата. Гледана од улица, куќата изгледа затворено и еднолично. Сепак, со обликување на куќата се наговестува динамична форма, која целосно се гледа од приватниот простор на дворот, каде доминираат големи отворени фасади и стаклени површини. На тие места се создаваат покриени „меѓупростори“ (еден вид чардак), каде што започнува дијалогот помеѓу куќата и околината.
Организацијата подразбира принцип на спојување и одвојување. Проистекла од претходните просторни атрибути и од барањата на програмата на клиентот. Клучна улога во поврзувањето на просторните подединици има движењето на корисниците во просторот (вертикално и хоризонтално), а и градацијата на амбиентите во длабочина – од затворени до отворени.
Обликувањето потекнува од мотивот на архетипска куќа, поставена надолжно во правец на подолгата линија на парцелата. Со додавање на два странични, но идентични елементи поставени под агол на главниот волумен, обликот на куќата станува поразигран и поотворен.
Во визуелна смисла, на куќата доминираат четири отворени фасади, нагласувајќи го функционалниот распоред, но и поврзаноста помеѓу корисникот и пејзажот. Тука се чита шестиот просторен атрибут – осонченост, кој се однесува на проникнувањето на куќата и околината во однос на страните на светот, утринскиот и вечерниот амбиент.
Обвивката на куќата е обликувана така што се постигнува силен контраст помеѓу сивата тула однадвор и дрвената обвивка однатре. Контрастот помеѓу различните материјали пренесен е и во дизајнот на ентериерот, каде што се користени детали направени од природни материјали, како дрво и тула, за да му дадат доза на рустичност и фина грубост на просторот.
На приземје од куќата сместени се заедничките содржини. Ентериерот на куќата формира неразделна целина со терасата на приземје и терасите на поткровјето. Сите соби имаат тераси, со поглед на падините на Фрушка гора. Содржините на приземје и поткровје се организирани околу ходници поврзани со скали.
„Во ентериерот доминираат светли тонови, што го прави просторот отворен и транспарентен“, велат архитектите. Од друга страна, деталите изработени од природни материјали, како дрво и тула, му даваат на просторот топлина. Со внимателно комбинирање на различни материјали, бои и текстури, се добива удобен простор. Мебелот е по мерка, вклучувајќи кујнски елементи, плакари, комоди и сл.