Насловна / Архитектура / Куќа со отсечен двор во тетовското село Порој

Куќа со отсечен двор во тетовското село Порој

03_0646

Тетовското село Порој во својот архитектонски опус ја вбројува и куќата која е дело на архитектите Виолета Бакалчев, Минас Бакалчев и Никола Стрезоски. Таа е доказ за нивната неисцрпна креативност.

05_0667
„Најпрвин, куќата на семејството Халили беше предвидено да се гради во селото Порој на падините на Шар Планина. Но подоцна, нејзино место стана подножјето на планината во продолжение на комерцијалната лента под селото Порој, долж сообраќајницата Тетово-Јажинце. Па така, наместо на падината се најде во рамнината, во зона на постепена агрегација на едносемејни куќи, помеѓу моќната планина и питомото поле и фрагментите од новосоздадениот изграден пејзаж. Движејќи се меѓу традиционалните куќи во селото и новосоздадените куќи во рамнината, овој проект ја истражува трансформацијата на традиционалната куќа, онака како што е дефинирана во специфичниот контекст на селото Порој – Компактна форма за еден компактен патријархален модел. Како да остане старата претстава за куќата, а да се добие современа динамика на функционалната и социјалната организација? Како да се направи куќа за едно современо семејство, а да не се напуштат традиционалните претходници?“, поставувајќи ги како прашања овие тези, Виолета Бакалчев почнува да го објаснува концептот за куќата.presekosnova 1 osnova 2
Ова е куќа за едно современо семејство, татко, мајка и две деца, кои потекнуваат од оваа околина, но и ги делат вредностите на новиот социјален, културен и економски контекст.
„Просторната структура на куќата произлегува од локалната типологија. Го повторуваме просторниот модел на традиционалната куќа од селото: архетипска слика на куќа со елементарен волумен и четириводен покрив. Но таквиот општ тип е трансформиран/преработен, од интегралниот волумен на куќата е отсечен југозападниот фрагмент. На тој начин, инертната внатрешност на традиционалниот волумен на куќата, преку постапката на отсекување (cut-out) станува активен, како во однос на надворешноста така и во однос на внатрешноста и нејзината согледливост, интензивирана е дистрибуција на внатрешната програма и нејзина интеракција со надворешноста. Преку композиционата постапка на отсекување, вкупниот волумен на куќата се состои од внатрешен дел 2/3 и надворешен дел 1/3 од волуменот. Традиционалниот тип на куќата се видоизменува и доживува амбивалентно, од надвор се покажува слика на компактна куќа, од внатре на куќа со двор во П-форма. Таквата амбиваленција на волуменот ја следи дистрибуцијата на програмата и материјализацијата на куќата. Гледајќи ја куќата од рамнината кон планината, нејзината материјализација во бел мермер ја чини како дел од силуетата на планината, како фрагмент од снежните остатоци на Шар Планина. На тој начин куќата е во континуирано содејство со планината во различните сезони како дел од планината или нејзин стилизиран модел“, дообјаснува Виолета Бакалчев за „Порта 3“.

IMG_4813 IMG_4737 IMG_4716
Основата на оваа куќа во приземјето се одликува со отворен и проточен простор во кој се сместени пространата дневна соба, трпезаријата и кујната. Сиот овој простор е отворен кон внатрешното двориште со големи застаклени отвори преку кои границата е тенка помеѓу внатрешноста и надворешноста. Поради продирањето на двориштето „длабоко“ во структурата на куќата, таа е интровертна, свртена самата кон себе, кон тоа двориште. Во внатрешноста на куќата преовладува топлина поради големата употреба на махагони, што дава пријатна атмосфера надополнета со присуство на каминот, покрај кој може да се седи и покрај кој има простран прозорец кој дава прекрасен поглед кон големото двориште. На приземјето е сместена и гостинската соба со сопствена бања, како и мал тоалет за дневни потреби. Над трпезаријата се наоѓа галерија која волуменски го спојува приземјето со катот.
На катот се сместени три спални соби и поголема заедничка бања, а интересен детаљ е тоа што сите преградни ѕидови се со височина од 210 сантиметри, а до кровот преградите се оформени со стакло, па така од секоја страна може да се види кровната површина.
Во ентериерот, кој е дело на архитектите од LD Studio, Афродита Луараси Абдиу и Бурим Абдиу, преовладуваат материјалите махагони и стакло, додека надворешната материјализација е целосно изведена во бел мермер.
Овој објект во целина претставува едно врвно дело на македонската архитектура, кое е спој на традиционалната и модерната архитектура.

Општи карактеристики:

Локација: село Порој, Тетово, Македонија

Дело: 2011 / 2013

Личности: маж, жена, ќерка и син

Архитекти: Минас Бакалчев, Виолета Бакалчев и Никола Стрезовски, (МЕТАПРОЕКТ АРХИТЕКТИ)

Ентериер: Афродита Луараси Абдиу и Бурим Абдиу, (LD СТУДИО)

Структура: Армирано-бетонска конструкција, финална облога бел мермер (сивец- Прилеп)

Површина на локација: 550 м2

Градежна површина: 150 м2

Изградена површина: 260 м2

Нивоа: визба, приземје, кат

Енис Хоџа, дипл.инж.арх.

4 коментари

  1. Anceva Sonja

    Za ova zdanie prosto nemam komentar cestitki za arhitektite.
    Da bidam iskrena do sega ne bev videla vakvo delo vo nasava okolina.
    cestitki za izveduvacite a za sopstvenicite da uzivaat i uste ednas so Sreka.

  2. Slavica Mitevska

    Nevideno, fantastično, zar e ova vo Makedonija, blaze si im na domacinite sto ziveat tuka , a BRAVO za arhitektite i enterieristite. Bravo.

  3. Колку енергија троши чудово за ладење и греење?!?

Испрати коментар

Scroll To Top