Тулата е структурна компонента која се користела од почетокот на цивилизацијата во Азија, Европа и Блискиот Исток. Материјалот е усовршен низ времето благодарејќи на неговите многубројни добри квалитети. Нејзината сила и издржливост овозможуваат да се справи со екстремни временски услови, а отпорна е и на искривување, гниење или распаѓање и воедно има добри термички карактеристики. Визуелно, достапна е во разни бои, текстури и форми. Од овие причини, архитектите од Dieter de Vos Architecten ја употребуваат за нивната троделна куќа од тула со арки, сместена во белгиската област De Pinte.
Домот е централно поставен во парцелата на крајот од станбена населба и спроти мала шума. Ориентацијата на сонцето ја обликува троделната форма на куќата. Три градини формално ја дополнуваат организацијата, секојa наменетa за одреден период во денот: наутро, попладне и навечер.
Симетричната просторна конфигурација на трите кубуси околу рамностран триаголник заедно со асиметричната артикулација на натстрешницата за автомобил, ја дефинираат геометријата на објектот.
Станбената површина со нејзината отворена основа на приземје, ги изложува едноставните комбинации на форми. Три големи заоблени прозорци во арките носат голема количина на дневно осветлување во просторот, во исто време поставувајќи близок однос на внатрешноста со пејзажот. Во слепите завршетоци на ѕидовите се направени вградени плакари кои им овозможуваат соодветна распределба на дневната соба, трпезаријата и канцеларијата во просторот. Природните материјали и бои се употребени за јавните програми: дрвени ѕидни облоги, светло розовата и песочна боја за терацо на катот со интегрирана кујнска работна површина.
Самостоечки спирални скали водат до горниот кат. Три ормани ги одвојуваат собите од ходникот. Овој мебел служи за скалдирање, но исто така и за сокривање на техничката опрема и санитарните инсталации. Собите можат да се затворат од ходникот преку врати скриени во деталите на декорот. Тука дневната светлина продира дури до крајот на преградите и до рамниот кров.