Постои архитектура која е соврешно имплементирана во природното опкружување, за која не е пресечено ни едно од дрвјата на локацијата, а сите постоечки се вметнати во самиот дизајн, така што се задржани во склоп на натстрешницата на објектот, создавајќи волшебна атмосфера на архитектонска печурка која никнала во континиурана шума како дел од еден голем градски парк на една европска метропола.
Станува збор за Куќа на музиката. Делува нестварно, нели? За наши услови, можеби да, но во одредени европски земји веќе одамна станува применета пракса. Будимпешта, која веќе го носи епитетот магичен град заради својата историска архитектура, решава да ја продолжи магијата и во современ контекст.
Во срцето на големиот градски парк се наоѓало запоставено и напуштено место на некогашен административен објект кој стоел нефункционален сред запуштено зеленило до 2016 година. Долго време неупотреблив, властите решаваат да го отстранат постоечкиот објект и да се „рехабилитира“ во нов контекст кој воедно ќе одговори и на програмските барања на унгарската држава за создавање посебна институција со сеопфатна поставка на унгарската музика, како вистинско богатство за глобалната музичка историја.
Земјата со бројни композитори како Франц Лист, Бела Барток, Ѓерѓ Лигети, Золтан Кодали, Золтан Кочиш, кои оставиле голем белег во универзалниот музички јазик, морала да ги собери сите свои национални музички придобивки и да ги презентира во еден целокупен пакет, што е зародишот на идејата за отворање на Куќа на музиката на Унгарија.
За таа цел, бил распишан меѓународен архитектонски конкурс на кои пристигнале 170 архитектонски проекти, од кои за најдобро било избрано решението на познатиот јапонски архитект Соу Фуџимото. Самото објавување на резултатите и проектот, молскавично го привлекло вниманието на меѓународните професионални кругови.
Ова е потврдено со фактот што на почетокот на 2021 година, проектот бил ставен на листата на CNN и World Architecture Community, како едно од десетте најочекувани архитектонски реализации во светот, за да по свеченото отворање и пуштање во употреба во 2022 година, стане современо архитектонско ремек – дело, едно од најпопуларните на бројните фотографии и видеа на социјалните мрежи.
Нивото на паркот
Куќата на унгарската музика е визија на современ музеј на 21 век, распространет на површина од 9.000 квадратни метри и високо интегриран во животната средина во секоја смисла. Еколошки, како и естетски тој е внимателно вклопен во пејзажот, во душата на паркот и со својата органска форма претставува уникатно и неповторливо визуелно обележје.
Лесно ќе го здогледате во зеленилото чим навлезете во длабочината на паркот. Кон него водат повеќе насоки, но тоа е намерно така направено за да се „лута“ и истражува околу објектот, онака како што истражуваме движејќи се низ шума. Нивото на паркот е прекрасно место каде може да седнете и да се опуштите, да гледате перформанс во амфитеатралниот дел, да го искусите и апсорбирате атмосферичниот амбиент низ позитивна енергија и интеракција помеѓу природната и изградената средина.
Разиграниот брановиден покрив кој асоцира на печурка, лесно лебди над партерот што е овозможено со високите челичните столбови со кружен профил. Тие се дури и незаприметни во целата композиција затоа што погледот го освојува разиграниот дизајн на покривот кој е инспириран од вибрациите на звукот, а неговата површина е перфорирана со 100 отвори со уникатна форма, некои кружни, а некои повеќеаголни со различна големина.
Дел од нив се создадени како отвори за постоечките дрвја на самата локација да се стремат кон небото и сончевата светлина, како би ги задржале без да се исечат и да ја додадат димензијата на човековото поврзување со природата. Иако делуваат декоративно и нивниот дизајн маѓепсува, сепак нивната улога е повеќе од декоративна.
Тие имаат важна функција да овозможат прозрачност во надворешниот дел (како што и во реална шума продираат сончевите зраци помеѓу крошните на дрвјата), но уште поважно да спроведат проток на природна светлина во внатрешноста на објектот. Некои од овие геометриски светларници ја канализираат сончевата светлина дури до најниското ниво на изложбениот простор, во подземните нивоа каде што се сместени двете поставки, постојаната и тематски променливата поставка.
Бришење на границата меѓу надворешноста и внатрешноста
Фасцинантно за овој објект е што Соу Фуџимото проектирајќи го со отворен концеепт на приземје, изведено со големи застаклени завеси, всушност умешно ја брише границата помеѓу надворешноста и внатрешноста на објектот, овозможувајќи континуитет на пејзажот со зелени површини патувајќи низ просторот, исто како и брановите на звукот.
Посетителите слободно талкаат во музејот, меѓу дрвјата, по кривините на ѕидовите од стакларниците, горе-долу по големите спирални скали, водени наоколу низ вибрантниот простор и варијациите на светлина, слично на рутата низ неочекуваните ноти на мелодијата. Таа патувачка метафора провејува како врска меѓу музејот, паркот, луѓето и музиката, создавајќи уникатно искуство за секој посетител.
Вовлекувајќи ги посетителите во зградата, златестиот таван со лисест дизајн кој срдечно пречекува надвор во природниот амбиент, продолжува да следи и внатре, создавајќи илузија како сѐ уште да се движите под густите крошни на дрвјата со златеста светлина што во внатрешноста уште повеќе е истакната со артифициелните светилки. Ова место е толку гостопримливо, како камп сред шума, ама камп кој собира љубопитни и креативни луѓе, луѓе кои ги поврзува уметноста и културата.
Просторот на волшепствата
Во приземјето полно со возбудливи содржини, покрај инфо пултот и пултот за купување карти за изложбите и музичките концерти, тематската продавница, простори за седење во лобито, кафуле за одмор и дружби, амфитеатрален простор т.н. пирамида за одмор и интернет пребарување, најголем акцент се спиралните геометриски скали, вистинско уметничко дело во просторот кој ги плени љубителите на уметноста и техничките чуда.
Можете да бирате дали ќе одите надолу или нагоре по скалите, зависно од содржините. Ако слезете долу по спиралните скали, пристигнувате на подземното ниво каде се наоѓаат огромни изложбени простори со неверојатни мултимедијални презентации.
Постојната изложбена поставка е прва сеопфатна изложба на унгарската музика каде преку аудио-визуелни инсталации може да дознаете за пресвртниците во историјата на европската музика, особено оние поврзани со Унгарија. Можете да патувате низ времето, така што добивате слушалки и уред, кои го следат вашето движење низ просторот и активираат интерактивни искуства на одредени точки во вашето „патување“. Овој дел е излишно да го раскажувам бидејќи треба само лично да се доживее и преставува исклучително доживување.
Простории за музичко образование
Ако се качите нагоре по скулптуралните скали, тогаш пристапувате во секторот за музичко образование. Тука се сместени просториите за работилници кои се проектирани да ја зајакнат врската помеѓу посетителите и музиката преку прикажување на нејзините разлики, но истовремено охрабрувајќи лични иксуства и учење новости. На ова ниво се наоѓа и мултимедијална библиотека и клуб, во кои може да се открие целата историја на унгарската музика во различни музички правци.
И секако тука е и просторот за концерти, кој ја дава вистинската смисла на овој проект како круна на аудио-визуелните доживувања на музиката.
Музеј кој ги руши бариерите на традиционалните музејски презентации
Проектот по своите архитектонски квалитети, покажува огромна почит кон животната средина и ја истакнува нераскинливата врска на човекот и природата, станувајќи симбол на денешните отворени граници, отвореноста за физичка и електронска слобода на патување и комуникација низ целиот свет.
Куќата на унгарската музика, не е само музеј, туку и голема визија што ги опфаќа минатото и иднината, луѓето и културата, природата и науката. Овој музеј го напушта традиционалниот начин на размислување и сувопарното доживување на музејските поставки со предлагање на нови интерактивни начини на восприемање на содржините и лично, активно учество на секој посетител користејќи ги технолошките придобивки на човештвото.
Без оглед која причина ги довела луѓето на тоа место, музејот генерира средби и споделувања, учење, слушање, настапи и изведби, пеење, свирење, играње, танцување и работење. Како дел од поширокиот урбан опфат Лигет, кој опфаќа и други содржини како тематски парк за деца, игралишта, етнографски музеј, јавни простори, итн, овој музеј станува дел од најголемиот европски проект за урбан развој со содржини од областа на културата, уметноста и спортот, преку чија архитектура и пејзажно уредување праќа моќна порака како светол пример во кој правец треба да се развиваат европските градови.
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл.инж.арх.
Прекрасно, доловено до детали.
Откако ја прочитав статијава, се осеќам како штотуку да сум ја посетила куќата на музиката. Браво!