Новопроектираната станбена резиденција од 900 квадратни метри, наречена Куќа на клисура, проект на архитектонското биро „Ентасис“ од Зеница се наоѓа во населбата Лашва на југот на Зеница, Босна и Херцеговина.
„Од архитектонска гледна точка, самата локација не ни изгледаше ветувачка, со оглед на близината на многу фреквентна сообраќајница, со оглед на сите карактеристики на клисурата – недостаток на сонце, прекумерна влажност и близина на деловен објект – мотел на источната страна и бензинска пумпа на западната страна“ – објаснуваат од „Ентасис“.
Единствената позитивна страна била реката Лашва од јужната, внатрешната страна на локацијата, и неверојатната близина на шумата преку реката и неколку високи борови на самата локација.
„Затоа тоа го земавме како столб на проектантскиот пристап. Да се направи куќа со две лица, едно надворешно, прилично затворено кон сообраќајницата и широкиот заштитен појас, а другото сончево, внатрешно, свртено кон реката и шумата“, објаснуваат архитектите.
Прилично тесниот, но долг градежен дел од локацијата преку анализа ја дал единствената можна форма на основата. Организацијата во облик на L била неопходна за да се формира внатрешниот двор и зачувуваат боровите дрвја.
„Подолгата страна на формата L оди паралелно со сообраќајницата и е речиси затворена во приземјето, освен влезот и еден застаклен дел што му овозможува на домаќинот да ја доживее предната ливада – прозорец кон цивилизацијата. Тесното долго крило завршува со фронтон кон мотелот“, додаваат архитектите.
Топла облога од дрво и камен
Архитектите од Зеница истакнуваат дека сериозноста и затвореноста на оваа страна од куќата дополнително се решава со материјализацијата во темен лим од кров до терен, кој „многу заштитнички и неутрално“ ги крие случувањата во куќата.
„Понекој светлосен вертикален потег – процеп на првиот кат и кровот дава суптилен знак на живот кога ноќе се вклучуваат светлата. Пократката страна на L формата, нормална на долгата, е главниот влез во куќата на запад. Челото кон сообраќајницата сега добива топла облога од дрво и камен и јасно покажува добредојде“, велат архитектите.
Тампон зоната помеѓу оваа западна страна на куќата и објектот на бензинската пумпа е создадена со економскиот дел од куќата – гаража, котлара, остава и тоа на пристојна оддалеченост.
Со својот „завиткан“ темен лим, овој објект успешно ја комплетира куќата и спречува секаква комуникација со бензинската пумпа.
„Поврзаноста помеѓу гаражата и куќата е организирана преку простор што го нарекуваме зимска градина. Со оглед на двостраното застаклување и нивните лизгачки системи, таа врска може да биде преодна кон реката во лето или затворена во зима. Внатрешниот двор, формиран на овој начин, доби својата целосна автономија, а комплетната обработка на фасадите со лесен ариш, со право го доби името сончева страна на куќата – метафорично и буквално“, велат од бирото „Ентасис“.
Релаксирачкиот жубор на реката како бонус
Сите тераси и на приземје и на кат се ориентирани кон дворот, како и сите простории, дневни и спални.
„Дополнителниот релаксирачки жубор на реката Лашва и погледот кон шумата е доволна причина сите корисници на оваа куќа да уживаат“, велат архитектите.
Во самата организација, приземјето е организирано така што има пространа дневна соба, трпезарија, кујна и библиотека од едната страна, додека спалниот дел за сопствениците на куќата е од другата страна.
„Галериски организираниот боравок понатаму на катот води до три спални соби со бањи и гардеробери. Куќата е нискоенергетска и сите технички детали се направени следејќи го тој концепт“, нагласува на крајот бирото „Ентасис“.