Куќата на карпа е оригинално архитектонско решение на дом сместен во изолирано и драматично опкружување, на работ од стрмна карпа, со погледи вперени кон езерото Дунвеган во Шкотска. Решението на овој објект се манифестира со очигледни контрадикторности. Долги отворени погледи на североисток кон езерото, и затвореност од југозапад поради јаките ветрови. Хоризонтот е единствена константа.
Ова интересно и уникатно решение на архитектите од студиото Dualchas, на чело со архитектот Daniel Bar, е номинирано од Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA) за престижната годишна награда за индивидуално домување (Manser award 2014), како дизајн со особена вредност и иновативност.
Вистинското позиционирање на куќата е од круцијално значење за овој проект. Во една средина која е речиси празна, пуста и остра, каде што секоја изградена педа прави масивен импакт на целокупниот пејзаж, само вешт архитект може да оствари дизајн кој би се втопил во совршеноста на природата. Поради јаките ветрови од јужната страна, оваа куќa е сместена малку пониско, следејќи го природниот пад на теренот, на работ на карпа со величествени погледи кон темносиното езеро. Почетокот на пристапната патека е акцентирана со една урнатина којашто симболично ја претставува историјата и безвременоста на ова место.
Самиот објект за домување е составен од два волумена, еден отворен и еден затворен. Затворениот волумен се наоѓа на јужната страна и го штити објектот од острите ветрови, додека во отворениот волумен се сместени сите простори за живеење збогатени со светлина и отвореност. Заедно, овие два волумена формираат засолниште и приватност, додека фокусот во внатрешноста е концентриран на природата што ги опкружува.
Куќата прво се забележува како мал фронт во доминантно опкружување. Понатаму, додека полека се спуштаме кон неа, односот се менува и куќата станува доминантна точка на нашиот поглед кој е насочен кон влезниот затворен фронт. Кога сме внатре, одново нашата перцепција се менува, затоа што одеднаш се наоѓаме пред отворена дневна соба со масивни визулени застаклувања од подот до плафонот, со чувство дека сме на работ од карпа со величествена природа пред нас.
Геометријата на објектот се манифестира не само во должина, туку и во вертикала. Отворениот волумен е подигнат низ целата должина и овозможува внесување на светлина низ целиот објект. Додека формата и типологијата на објектот се втопуваат глатко во околината, исто така и материјалите што се употребени за негово градење се со потекло од опкружувањето, давајќи уште поблиска конекција помеѓу внатрешноста и надворешноста.
Архитектот Даниел Бар, објаснува за исконската релација помеѓу човекот и природата, и одговорноста на архитектот кон овозможување на истата: „Да се живее некаде е одлука дефинирана од место. Оваа куќа бара одговор преку специфичните алатки на архитектурата, да дојде до квалитетите на едно место и како тие би можеле да се преточат во изградена материја, во денешна рамка. Идејата на контрадикција преплетена во дизајнот, не е само потсетник на изолацијата и мистеријата на оваа локација, туку е и показател на ретката способност да се живее помеѓу оваа драма, заедно со постојаната временска промена на пејзажот во овој мистичен дел на светот. И ова е една од причините зошто клиентите се одлучија да го купат ова земјиште. Оваа куќа им ја обезбедува само рамката“.
Име: Куќа на карпа
Архитекти: Dualchas architects
Локација: Остров Скај (Island of Skye), Шкотска, Велика Британија
Изградени: 115 м2
Завршена: Јуни 2013