Изградбата на објекти на хрватскиот брег наменети за одмор и туризам не забавува. Сепак, по неколку години доминација на крупниот капитал, големи хотели и одморалишта, приватните инвеститори се повеќе се одлучуваат за изградба на објекти од помал формат, проектирани за лична употреба и повремено краткорочно изнајмување.
Пример за еден таков објект е Куќата на КНЛ, проектирана од архитектите Ката Маруница, Ненад Равниќ, Филип Видовиќ и Сара Вулиќ од загребското биро НФО. Куќата КНЛ со површина од 250 квадратни метри се наоѓа на Истра, во близина на Пореч, а сместена е во тивка зелена оаза, опкружена со шума.
Задачата била да се изгради куќа за одмор со четири спални соби со сопствени бањи, како и пространа дневна соба со трпезарија и кујна и да се постигне силна и директна врска помеѓу куќата и дворот, внатрешноста и околната природа.
Мост и тунел
Парцелата е на терен со благ пад и поглед кон шумата. Со цел максимално прилагодување на новиот волумен во околината, архитектите од НФО го претвориле ова ограничување во предност. Приземјето е втопено во теренот од пристапната страна, додека од другата (дворната страна на куќа) се отвора кон базенот и кон голем тревник.
Куќата од страната на улицата се чита како монолитен бел кубус со фокус на местото на влезот, до кое се стига со мост преку зеленилото. „Како корисникот се приближува кон куќата, за него се отвораат дополнителни просторни сензации, надворешните скали ’тунел’ кои поминуваат под првиот кат и прозорецот ’светларник ’ кон кујната“ – велат архитектите од НФО. Поминувајќи низ „тунелот“, се излегува директно од страната на дворот во наткриена зона и тераса со отворен базен.
Организација на просторот
Сутеренот е максимално отворен кон пејзажот. Програмски, тој опфаќа зона на заеднички активности (дневна соба, кујна и трпезарија). Дневната соба преку големи прозорци директно е поврзана со дворот и отворената тераса со скара.
Централната тема на дневната соба се скалите кои се поврзани со конструктивен „V“ столб од натур бетон, кој исто така е задржан и на таванот на кујната и трпезаријата. Подовите се изработени од терацо плочки и се протегаат и на надворешната тераса. Од друга страна, базенот е обложен со малку потемен тон на истите плочки, сè со цел да се постигне впечаток на поголема длабочина.
На горниот кат (приземје) сместени се четири спални соби со сопствени бањи. Собите се групирани околу заеднички ходник, и секоја има пристап до отворена лоѓија во рустикален амбиент и стаклена ограда.
Модерно обликување
„Од надвор куќата е дефинирана со бел кубус кој е поставена на база која се состои од терен и камени sидови кои го отвораат приземјето кон дворот. На белиот кубус, сите отвори се лоцирани во темните балконски ниши на кои излегуваат спалните соби “- наведува Ката Маруница.
Куќата КНЛ ја карактеризира чиста, скоро апстрактна геометрија. Доминираат рамен покрив, прави линии и пространи лоѓии со трапезоидни форми. Ликовноста се постигнува преку силни контрасти на црно и бело, мазни и рустични површини и игра на природни и вештачки елементи.
Зен градина
Градината е речиси минималистичка. Отворениот тревник се протега во длабочината на парцелата и е во контраст со шумата која го опкружува. Плацот е ограден во физичка, но не и во визуелна смисла. Посебно внимание е посветено на уредувањето и дизајнот на предниот двор со пристапно плато и паркинг.
Опремата на задниот двор се состои од базен, поплочана тераса, скара на отворено и камења групирани според угледот на зен градини. Обликувањето на партерот е неправилно, со многу остри и прекршени линии, кои го наоѓаат својот пандан во третманот на ентериерот.