Оваа куќа за одмор со површина од 400 квадратни метри на копнениот дел на Истра, која се наоѓа во местото Бале недалеку од Ровињ, е првиот проект на познатото белградско биро „Студио Аутори“ во Хрватска.
Контекстот на рамна, правоаголна парцела, граничи со две мали сообраќајници и парцели со неизвесна иднина, ја дефинирал задачата – самостоен микроамбиент, свртен кон себе и независен од промените во непосредната околина – копнено медитеранско прибежиште.
Волумени кои се преклопуваат
Просторната композиција се состои од еднокатни, хоризонтални објекти кои се смакнуваат и се преклопуваат и незабележливо исчезнуваат во зеленилото.
„Благата денивелација придонесува за чувство на флуидност и ритмичност на просторот, додека самата организација ја евоцира структурата на медитеранските градови“, наведува тимот и додава: „Волумените на објектот формираат длабоки сенки, скриени ниши, покриени тераси и атриуми – простори на приватност и рефлексии, како и интеракција.
Сакавме да го создадеме истиот оној впечаток што го добивате кога се движите низ стариот град – волумени што се смакнуваат и се преклопуваат, сенки, покриени тераси, атриуми, места за средби, поглед кон стариот град.“ – велат архитектите.
Целината се состои од главна куќа, куќа за гости (планирана за изградба во следната фаза) и гаража, околу кои и понатаму се градат амбиенти.
Сместени на имот со површина од 3.300 квадратни метри, објектите се позиционирани да обезбедат удобност, но и приватност.
„Свртени се кон внатре, со единствен исклучок на главната куќа, која ги кадрира урнатините на старата камена куќа на соседната парцела и кровната тераса на гаражата, која отвора поглед на историскиот центар на Бале“, велат од бирото.
Сопствен микроамбиент
„Интересно е што по посетата на локацијата беше како празно парче хартија, без никакви специфичности, опкружена со празни парцели со „неизвесен исход“. Немаше поглед кон кој куќата може да се насочи“ – се сеќаваат архитектите.
Погледот на пикторесниот центар на Бале е таму, но било извесно дека ќе биде попречен од околните нови објекти. Токму од ова произлегла идејата да се создаде сопствен микроамбиент. Две куќи, главна и гостинска, свртени кон „внатре“, кон сопственото зеленило и врамените погледи.
Архитектите се фокусирале на создавање простор со флуиден распоред и движење, каде пар скали ги делат зоните и суптилно ја менуваат динамиката на движење, погледите и просторот.
Простор за собирање
Централното плато со маслиновото дрво и дневната соба на главната куќа се замислени како место за бришење на границите меѓу надворешните и внатрешните простори. Платоата околу куќата се позиционирани така што се активни во различни периоди од денот, па така и кровот на гаражата пред зајдисонце станува видиковец, т.е. отворена тераса со поглед на панорамата на стариот град.
Длабоки сенки, отворени бочни страни и врамени погледи ги формираат централната дневна зона и просторот за собирање.
„Од неа се разгрануваат благо подигнати ноќни блокови кои овозможуваат интимност и подиректен контакт со зеленилото“, објаснуваат проектантите.
Куќа како рамка
„Проектот беше специфичен во смисла дека клиентите сакаа куќа како рамка, база која полека ќе ја пополнуваат и уредуваат со текот на времето, што не е типично за проектите што вообичаено ги работиме# – велат архитектите.
Тоa e и токму причината поради што делува релативно скромно, иако не е. Проектирана е како волумен кој во неговите димензии, текстури, ритам и организација го репродуцира морскиот контекст, а ќе ја добие својата целосна форма со текот на времето.