Кога пред десет години колумбиецот Fernando Llanos се обидел да ја изгради сопствената куќа, сфатил дека транспортот на материјалите од Богота до неговото живеалиште во Cundinamarca ќе претставува голем проблем. Затоа тој одлучил својата нова куќа да ја изгради од пластика, и по многу обиди и грешки тој успеал во својата намера со помош на архитектот Óscar Méndez. Таа соработка резултира во развивање на целата концепција за овој начин на градење како и формирање на нивната заедничка компанија Conceptos Plásticos (Plastic Concepts) во 2011 година.
Иновативната локална компанија успева да го патентира својот изум за тули и столбови од рециклирана пластика, кои понатаму се монтираат како лего коцки и овозможуваат изградба на двокатни куќи за пет дена. Компанијата исклучиво инсистира на употреба на рециклирана пластика, имајќи предвид дека периодот на комплетното разградување на пластиката може да трае и до 300 години. Со тоа, овој концепт ги добива сите карактеристики на одржливоста. Благодарени на посебниот начин на производство на овие тули, тие имаат добри термоизолациони и огноотпорни својства, и ги задоволуваат националните стандарди во поглед на отпорноста на земјотреси.
По цена од околу 6800 УСД за една куќа, оваа компанија им помага на посиромашните категории граѓани да добијат сосема пристојно живеалиште од 40 квадратни метри за четиричлено семејство во рок од пет дена.
Во својот краток век на постоење, компанијата, која има помалку од 15 вработени, бележи извонреден подем. Еден од најголемите успеси е изградбата на привремена населба за 42 семејства бегалци жртви на вооружен конфликт во Гуапи (југозападна Колумбија). Работата е завршена за само 28 дена, при што се употребени над 200 тони рециклирана пластика.